1360976093676533419

Лето 2015 година, денес е најтоплиот ден досега во летото, а нас ни доаѓа интересна вест која можеби во иднина ќе ни помогне во „борбата“ со ваквите пеколни горештини.

Имено, се работи за (симулиран) материјал кој научниците го „пронајдоа“ преку компјутерска симулација, и кој може да издржи температура од 4.400 келвини без да се стопи т.е. без да му се растури структурата на материјалот. За споредба, се предпоставува дека Земјиното јадро ослободува топлинска енергија од 4.300 келвини, а оваа издржливост е две третини од температурата на површината на Сонцето.

Што значи, ако се симнете со ваков заштитен материјал до Земјиното јадро, веројатно нема да се стопите, а кај Сонцето веројатно ќе се стопите. Инаку, материјалот е „пронајден“ преку компјутерска симулација која анализирала различни комбинации на елементите хафниум, азот и јаглерод. Точно погодената комбинација (HfN0.38C0.51) ја овозможила оваа неверојатна издржливост, барем во симулацијата. Сега научниците ќе работат на тоа да го создадат овој материјал и да го тестираат за да видат дали ќе ги оствари очекувањата кои се добиени преку симулацијата.

Ваквиот материјал ќе може да се искористи и во идните заштитни плочи и одела за воена опрема и луѓе, особено од оружја кои функционираат на принцип на горење и високи температури, како што се ласерите. Исто така ќе може да се искористи за идните вселенски мисии кои често имаат проблеми со наглата смена на температури и суперјакото зрачење кое доаѓа од Сонцето поради тоа што нема заштита од атмосферата.

Извор: Gizmodo, Brown University, Gizmag

Претходна статијаYouTube ќе прикажува видео реклами во 360 степени
Следна статијаНаучници безжично контролираат глувци