810

Иднината на телевизијата, барем ако им веруваме на научно – фантастичните книги и филмови е во префрлањето на содржината од дисплеите во просторот што не опкружува, поточно во холограмите. Прв кој експериментира со ваква технологија е британскиот гигант BBC, кој покажува дека холограмите денес се достапни со технологија достапна за сите.

Идејата зад овие холограми е позајмена од Star Wars, каде протагонистите се гледаат на холограми наместо на дисплеј. За да постигне холограм, BBC има искористено многу едноставна технологија, која досега ја имаат покажано неколку други истражувачи во оваа област.

Имено, тие имаат ставено проѕирна пирамида со четири страни на голем рамен дисплеј. Потоа, на секоја страна од пирамидата на самиот дисплеј се прикажува слика, која кога со прекршувањето на светлината ќе се спои во центарот на пирамидата изгледа како да лебди во воздухот. Да, ваков холограм можете да направите и дома доколку имате стаклена пирамида и ќе изгледа прилично кул.

BBC вака успева да прикаже неколку популарни видео снимки, како огнометот од прославата на Нова Година во Лондон и Т-Рекс од “Walking with dinosaurs”. Технологијата секако може да се користи и за многу други слики и видеа, но во моментов е ограничена на послаба резолуција и помалку бои. Како и да е, изгледа доволно близу до холограмите во Star Wars за да ги разбуди „џедаите“ во нас.

Сето ова не значи дека наскоро ќе имаме легнат дисплеј со пирамида во средината во нашите дневни соби – BBC преку ова само сака да покаже дека холограмите се достапна технологија, додека во иднината има нови технологии кои ќе можат да направат холограм во многу помало и поедноставно пакување.

Едно е сигурно – холограмите би можеле целосно да го сменат начинот на кој комуницираме со луѓето но и на кој ги примаме сите забавни содржини од интернет или ТВ мрежата. Во моментов единствен уред кој овозможува гледање на холограми и дури и играње на холограмски игри е импресивниот Microsoft HoloLens.

Извор: Business Insider, Wired, Mirror

Претходна статијаSnapchat Spectacles се очила со кои ќе може да снимате “Memories” на “Snapchat”
Следна статијаСамитот на Македонија2025 повикува на одржлив економски развој