hololens-render[1]

Уште кога ги видовме првите видеа од импресивниот HoloLens, постојано се прашувавме како е можно толку мал уред да испорачува толку високи перформанси, поточно како може да продуцира холограм пред очите на гледачот во просторот пред него. Одговорот е специјален процесор со 24 јадра со големина на транзисторите од 28 nm, произведен од тајванскиот TSMC.

Поимпресивно од самата бројка на јадра е што секое од нив има посебна функција и тоа што процесорот има 200 пати поголема брзина во работата која ја врши од Intel Cherry Trail чипот, кој е исто така вграден во HoloLens и работи во корелација со него, но само за да овозможи нормално функционирање на Windows програмите и апликациите.

Холограмскиот чип има 24 Tensilica DSP јадра, кои се поразлични од стандардните јадра кај процесорите во нашите компјутери и смартфони. Овие јадра се наменети за брзо процесирање на информации од надворешниот свет, за што се помогнати и од 8 MB SRAM и 1 GB DDR 3 рам (има уште 1 GB DDR3 рам кој е наменет за Intel-овиот процесор), кои заедно овозможуваат процесирање на 1 трилион калкулации во секунда.

Сето ова му овозможува на HoloLens да биде целосно пренослив и независен од други уреди – конкуренцијата од „виртуелната реалност“, Oculus Rift и HTC Vive мора да биде приклучена на моќен десктоп компјутер. HoloLens има и многу ниска потрошувачка на енергија од 10 вати, што му овозможува работење и само на батерија. Импресивно.

Овие информации конечно и ја оправдуваат високата цена од 3.000 долари на првите HoloLens примероци – специјалниот процесор сигурно не е произведен во голема бројка и поради тоа има многу висока цена. Доколку успее „изменетата реалност“ на пазарот, а лично сум сигурен дека ќе се случи тоа, ваквите уреди ќе имаат многу пониски цени и ќе станат достапни за поширока група на купувачи.

Извор: PCWorld, Beta News, Engadget

Претходна статијаSamsung Z2 е нов Tizen смартфон со 4G, многу ниска цена и слаби спецификации
Следна статијаСамсунг ја проширува својата палета на AddWash машини за перење алишта