Една од главните новини кај новите Galaxy S8 смартфони е функцијата DeX. Се работи за своевидна копија на Continuum на Microsoft, која овозможува различно корисничко искуство кога смартфонот ќе се поврзе со поголем дисплеј. Поточно, во тој случај корисничкиот интерфејс се претвора во десктоп околина, оптимизирана за работа со маус и тастатура.

Засега, ова решение на Samsung е прилично ограничено, но тие не се воопшто криви за тоа. Едноставно, светот и воопшто сервисите не се подготвени за тоа, иако Samsung има поддршка од Citrix, VMware и Amazon, како и од Microsoft со Office апликациите. Сепак, дури и најкористените апликации, како на пример Instagram, Facebook и Twitter не се достапни во десктоп верзија, барем не засега, што може да биде ограничување за голем број на корисници.

Од друга страна, идејата на Samsung не е DeX да го користи обичниот корисник. Како и со Continuum, тие сакаат да направат еко систем кој ќе биде насочен кон бизнис светот. Замислете се што работите во вашата канцеларија, да можете да го понесете во вашиот џеб и потоа да го завршите на друго место, како на пример во хотелската соба на вашето деловно патување. Како работните места стануваат подинамични, така ваквите решенија ќе имаат се поголема смисла.

За да функционира DeX, корисниците треба да купат дополнителна лулка во која се става смартфонот и која има HDMI излез и два USB приклучоци, а самиот Galaxy S8 поддржува и Bluetooth маус и тастатура. На лулката дури има и специјален кулер кој ќе го лади смартфонот, бидејќи константното користење на потешки апликации на поголем монитор може прилично да го загрее.

Најголемата причина зошто DeX може да успее, иако неколку вакви решенија досега не го постигнаа тоа, е што оваа функционалност е вградена во Galaxy S8 и S8+. Овие два паметни телефони ќе се продаваат буквално во милиони и самото тоа е доволна причина за да бидеме оптимисти за иднина во која цела работа ќе ја завршуваме на нашиот паметен телефон или пак каков и да било уред кој ќе го носиме во нашиот џеб.

Извор: Tech Crunch, ARS Technica, The Verge

Претходна статијаНаскоро Tinder и во десктоп варијанта
Следна статијаTesla го претстави надградениот 8.1 софтвер