SwiftKey ја најави оваа нова технологија за својата тастатура минатата година, кога и стана достапна преку посебна апликација наменета за тестирање. Сега оваа технологија е доволно развиена од страна на компанијата, па ја имплементира во нивната главна апликација, за почеток само на Android.
Добро е да се види дека купувањето од страна на Microsoft не ја наруши работата која беше започната од страна на тимот на SwiftKey, но кога ќе се размисли логично, мали беа шансите да се прекине развој на една ваква технологија.
За почеток, новата технологија за предвидување на зборовите ќе биде достапна само за англискиот јазик, но од компанијата најавуваат дека со тек на време истата ќе биде имплементирана за повеќе јазици.
Инаку, невралната технологија овозможува попрецизно предвидување на зборовите при пишување. Тоа е овозможено од суштинската разлика во начинот на којшто оваа технологија работи во споредба со претходната технологија.
Претходната технологија предвидувањето го има правено врз основа на најчесто користените зборови кои се ставаат во одредена комбинација. Тоа во поголемиот дел од ситуациите се има покажано како одличен начин, меѓутоа некогаш може да даде нелогични и неповрзани предлози.
За разлика од оваа технологија, невралната технологија ја „разбира“ суштината на реченицата, односно нејзиното значење и контекст. Врз основа на тоа, истата овозможува многу пологични предлози кои многу поретко би требало да бидат нелогични и неповрзани со реченицата.