Ако се следат дизајните на скоро сите уреди на Apple по смртта на Стив Џобс, може да се забележи дека компанијата нема измислено ништо ново, односно некоја нова категорија на производ, што порано скоро редовно беше случај. Наместо тоа, тие лансираа паметен часовник откако неколку производители веќе имаа таков производ, а истото важи и за iPad Pro таблетите, кои во многу функционалности буквално ги копираат Surface таблет/лаптоп компјутерите на Microsoft.

Според Хју Дуберли, поранешен директор во Apple и Samsung, компанијата има застој во развојот, што е на пример многу евидентно со iPhone, кој веќе неколку години не добива поголеми промени. Хју нагласува дека Тим Кук, извршниот директор на Apple, има одлични операциски вештини, но му недостасува визионерскиот талент на Џобс, кој донесе толку напредни производи на пазарот и кој фундаментално го смени начинот на кој гледаме на преносните уреди, како смартфоните и таблетите.

Дуберли дополнува и дека предноста која Samsung сега ја има во иновациите, не е само поради тоа што реално и најмногу иновираат во смартфон секторот, туку и поради „мрзеливоста“ на Apple за донесување поголеми промени и напредни технологии. Затоа, за Apple да може да го надмине Samsung со новиот iPhone 8, ќе треба да има карактеристика која ќе ги разликува од главниот конкурент и останатите Android противници, како на пример читач за отпечатоци вграден во самиот дисплеј. Поточно, само мала рамка околу дисплејот веројатно нема да биде доволна.

Се ова е само мислење на еден човек, кое нормално не мора да го дели никој од вас. Јас се сложувам дека Apple е различна компанија откако Тим Кук е извршен директор, но коментарите за тоа дали се доволно иновативни ќе ги оставам откако ќе го видам iPhone 8, кој би можел да биде и најинтересниот и најнапреден смартфон претставен оваа година.

Извор: 9to5Mac, MacRumors, Cult of Mac

Претходна статијаLinkedIn ја претстави својата прва Windows 10 десктоп апликација
Следна статијаПроизводителот на супер скапи луксузни телефони Vertu целосно згасна