Можеби е до некаде чудно, Microsoft којшто ја купи LinkedIn мрежата минатата година, да нема официјална апликација на својот оперативен систем. Сепак, за тие што ја следат компанијата, вакво нешто не им е воопшто чудно. Вниманието на компанијата е насочено кон апликациите кои тие ги прават за Android и iOS оперативните системи, па не толку популарната Windows Store продавница, може да чека и подолго време.

Работите се уште поинтересни кога ќе се земе во предвид дека досега достапната LinkedIn апликација за Windows Phone, не е доработена и направена универзална, а истата ќе престане да функционира до крајот на летото.

Новата LinkedIn апликација која постепено ќе стане достапна на Windows Store, е достапна само на десктоп верзијата од Windows 10. Истата е направена како апликација од веб страната на LinkedIn, па може да се каже и дека не е баш класична апликација специјално направена за оперативниот систем.

Сепак, предноста на ваквите апликации е што добиваат интеграција со оперативниот систем, односно ќе можат да прикажуваат известувања, да имаат „жива“ плочка во Старт менито и слично.

Од компанијата истакнуваат дека корисниците ќе имаат можност да бираат кои известувања сакаат да ги добиваат, па така тие нема да бидат вознемирувани со секоја нова годишнина на некое работно место од контакт којшто можеби и не го познаваат.

Апликацијата ќе стане достапна во периодот што следи, за нас моментално не е, па не можеме да ви ставиме линк до истата. Доколку сакате да ја користите, од време на време можете да проверите во Windows Store со пребарување на LinkedIn зборот.

Извор: Microsoft, LinkedIn, TechCrunch

Претходна статијаNokia 8 е најмоќниот телефон со Android на компанијата со двојна Carl Zeiss камера
Следна статијаПоранешен директор од Apple вели дека заостануваат во развој и иновации
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.