Скоро половина од светското население, односно повеќе од 3 милијарди луѓе се корисници на друштвените мрежи

Напишано на 08.08.2017 - 15:50 од Мишо Лекиќ

Секогаш е интересно кога нешто што е прилично очигледно, ќе биде докажано со некое истражување. Во овој случај се работи за истражување направено од страна на We Are Social и Hootsuite, а се однесува на бројот на активни дневни корисници на друштвените мрежи, како и бројот на интернет корисници во светот.

Бројките коишто ги прикажува ова истражување кажуваат дека скоро половина, поточно 40% од светското население е корисник на некоја од достапните друштвени мрежи. Во бројки тоа изнесува нешто повеќе од 3 милијарди луѓе, односно 3 милијарди и 28 милиони корисници.

Оваа бројка се однесува на дневните активни корисници, што ја прави уште поинтересна, а трендот на зголемување и не застанува. Според истражувањето, од април оваа година, па до овој месец, бројката на активни корисници на друштвените мрежи продолжил да расне со стапка од околу 4 милиони корисници дневно, односно бројката се има зголемено за 121 милион.

Светското население се проценува на околу 7,5 милијарди жители, а од нив 51% се смета дека имаат интернет пристап, односно 3,819 милијарди. Бројката на корисници на мобилни телефони се проценува на околу 5 милијарди, додека на корисници на друштвените мрежи преку мобилен телефон на скоро 2,8 милијарди.

Друштвена мрежа број 1 се разбира е Facebook со нешто повеќе од 2 милијарди корисници, а веднаш зад неа интересно е ставен YouTube со 1,5 милијарди корисници.

Бројките од ова истражување, кое сепак не може да се смета за целосно меродавно без да ги знаеме точните извори и методологија која е користена, сепак покажува нешто што не е тешко да се прифати како точно.

Како корисници денес сме „зависни“ од интернетот, а друштвените мрежи се главната дестинација која ја отвораме кога сурфаме по оваа глобална мрежа. Бројката секако ќе продолжи да расте, а до каде ќе стигне ќе видиме во годините што следат.

Во продолжение е целиот извештај дококлу сакате да ги видите сите бројки поврзани со оваа тема.

Извор: TNW, Mashable

За Авторот

Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.