Samsung ќе пушти ограничена количина на Galaxy S8 порано од очекуваното

Напишано на 10.01.2017 - 12:49 од Иво Гиевски

Сите информации за новиот знаменосец на Samsung алудираа на тоа дека смартфонот ќе биде претставен во Април. Причината за ова е едноставна – Samsung не сака повторно да ги има проблемите што ги имаше со Note 7. Сепак, нови информации велат дека ограничена количина на смартфони ќе биде достапна на крајот од Февруари, што значи дека моделот би можел да биде претставен на “Mobile World Congress” во Барселона.

Поточно, Samsung Galaxy S8 би можел да биде претставен на крајот од Февруари, но не би бил достапен за широка потрошувачка до Април, односно во почеток би биле достапни „само“ 5 милиони уреди. Кои купувачи пак би можеле да ги добијат овие „бета“ уреди се уште не е јасно, но претпоставувам дека поголемиот дел од нив ќе бидат дадени на рецензентите, со цел да се направи „фама“ за телефонот, ако и на избрани купувачи. Samsung инаку планира рекордна продажба на овој модел, веројатно преку 60 милиони уреди.

Како и да е, Galaxy S8 ќе биде прилично револуционерен модел. За прв пат во историјата на оваа моделска линија, нема да има модел со стандарден дисплеј, односно сите ќе бидат со “Edge” дисплеј и многу мала рамка околу него. Samsung спрема и нов дигитален асистент наречен Viv, кој би требал да биде сериозна конкуренција на Google Assistant, Siri и Cortana.

Според некои информации, Galaxy S8 ќе има и Continuum можност за користење на телефонот на поголем „десктоп“ дисплеј, а скоро сигурно овој модел нема да има ниту 3,5 mm излез за слушалки и ќе се потпира на USB Type-C приклучокот за репродукција на музика на надворешни уреди.

Како и досега, Galaxy S8 ќе се испорачува со најмоќните чипови во моментот – Snapdragon 835 на Qualcomm и Exynos 8895 на Samsung, зависно од моделот и пазарот. Најверојатно ќе бидат достапни два модели – обичен со помал дисплеј и Plus со поголем дисплеј.

Извор: The Next Web, Tech Times, BGR

За Авторот

Пасиониран возач на спортски автомобили и длабоко навлезен во светот на автомобилизмот. Редовно ги следи последните случувања во квантната и астрофизиката, а е заљубен во универзумот. Не може да одолее на секое подобро парче хардвер што ќе излезе на пазарот и тогаш обично е залепен за мониторот, читајќи ги сите спецификации и новитети.

Контакт: [email protected]