Сите шпекулации и протечени информации за уредите од високата класа кои треба да бидат лансирани наредната година, потврдуваат дека 2017 ќе биде годината кога смартфоните нема да имаат рамка околу дисплеите. Вакво нешто неодамна најави Xiaomi со фантастичниот Mi Mix, но Samsung веројатно ќе го подобри со целосен недостаток на рамка, дури и во долниот дел.

Всушност, кога ќе го погледнете новиот Galaxy S8 однапред, ќе има само дисплеј покриен со стакло и со Edge закривување на страните. Иако нема фотографии кои би ни го покажале тоа, можеме да замислиме дека ќе изгледа прилично футуристички. Поради ваквиот дизајн, промени ќе мора да се направат и на други компоненти. Така, хардверското “Home” копче, кое беше дел од сите седум генерации на Galaxy S серијата досега, сега ќе биде виртуелно, заедно со “Back” и “Multitasking” копчињата.

Во тој случај, сензорот за отпечатоци на прстите исто така би бил преселен во самиот дисплеј. Тоа ќе биде нова технологија, која ќе може да го прочита отпечатокот со помош на ултразвук. Иста ваква технологија ќе користат многу други производители на паметни телефони во своите уреди од високата класа, меѓу кои ќе биде и Apple со новиот iPhone 8.

Ултразвук најверојатно ќе биде користен и за останатите сензори, како на пример оној за „блискост“ кој го исклучува дисплејот во случај на повик, но останува да видиме како и каде Samsung би ја инкорпорирал камерата – кај Mi Mix таа е во долниот дел, но најавата е дека Galaxy S8 нема да има воопшто рамка…

Од останатите промени, Galaxy S8 веројатно нема да има излез за слушалки, односно ќе се потпира на USB Type-C приклучокот. Скоро сигурно телефонот ќе доаѓа со Snapdragon 835 и 6 GB рам, а ќе има и две големини на дисплеи со Quad HD резолуција. Galaxy S8 би можеле да го очекуваме во периодот од февруари до април наредната година.

Извор: ARS Technica, Android Central, The Verge

Претходна статијаMalwarebytes 3.0 ги интегрира сите досегашни решенија во едно
Следна статијаIntel за прв пат претставува k модел во i3 серијата на процесори