Galaxy Note 7 е дефинитивно едно од најголемите промашувања во мобилната индустрија, иако кога беше лансиран, овој смартфон ветуваше навистина многу. Проблемите со батеријата сепак целосно го прекинаа неговото производство, бидејќи Samsung не успеа да најде навремено решение.

Сепак, како што беше и претходно најавено, Samsung ќе лансира “refurbished” модели, кои се уреди преправени во фабриката на Samsung. Поточно, производителот ќе ги отвори спорните модели и ќе им вгради нова батерија со помал капацитет, која според сите испитувања не би требала да има никакви проблеми со самозапалување.

Новата батерија ќе има 3.200 mAh, споредено со 3.500 кај оригиналниот модел. Ова може да го намали траењето со едно полнење, но не многу значително. Останатите спецификации остануваат целосно исти, но затоа цената ќе биде пониска и ќе изнесува 620 долари. Ова е 266 долари поевтино од оригиналниот модел, но сепак се чини недоволно за да го направи овој смартфон супер привлечен за купувачите, особено што е веќе еднаш преправан.

Од досегашното искуство, ваквите модели се продаваат многу поевтино од оригиналните, а во случајот на Note 7 поминато е и доволно време од лансирањето на оригиналот за цената да биде толку многу висока. Сепак, ова не е официјална информација од Samsung и цената би можела да биде пониска.

“Refurbished” моделот може сепак да биде прилично интересно парче за колекционерите – толку проблематичен уред ќе биде многу зборуван и во иднината и веројатно и многу ценет и покрај неговите проблеми. Тој треба да биде лансиран овој јуни, неколку месеци пред Samsung да го лансира Note 8.

Извор: The Verge, CNET, TechRadar

Претходна статијаNuAns Neo телефонот со голем број на комбинации на бои и материјали, се враќа со Android
Следна статијаInstagram во моментов е попопуларен од кога и да е