Веќе неколку месеци се зборува за новиот знаменосец на Nokia со Android (пардон, HMD Global, компанијата која го купи брендот), кој досега мислевме дека ќе ја носи бројката 9, но според новите информации моделот ќе биде Nokia 8.

Од телефонот сега имаме и фотографии, благодарение на познатиот твитер „протекувач“ @evleaks и сајтот Venture Beat, кои потврдуваат дека назад ќе има двојна камера со Carl Zeiss оптика, која ако биде барем малку слична на она што го нудеше Nokia во минатото би можела да биде вистинска главоболка за конкурентите.

Она што нема да биде главоболка е дизајнот, кој е генерички и кој ама воопшто не го забрзува ритамот на срцето. Искрено се надевам дека Nokia 8 ќе може да се пофали со исклучителна изработка и издржливост, каква што има 6-ката (кој е веројатно најцврстиот телефон со дисплеј на допир), бидејќи дизајнот не е особено привлечен, а и рамката околу дисплејот е прилично голема за смартфон од високата класа од 2017 година. Големината на дисплејот инаку ќе биде 5,3 инчи и тој ќе има одлична резолуција од 2560х1440 пиксели.

Во внатрешноста, како и многу други Android смартфони од високата класа, ќе се вградува Snapdragon 835 процесор, помогнат од 4 или 6 GB рам (на пазарот најверојатно ќе пристигне само верзијата со 6 GB рам) и 64 GB простор. Во понудата ќе има и модел со две SIM картички, што е одлична вест, а уште подобра вест е тоа што Android верзијата ќе биде 7.1.1 и ќе биде чиста, со многу лесен скин, со цел да се извади максимум од перформансите на процесорот и траењето на батеријата.

Цената на Nokia 8 најверојатно ќе биде околу 600 евра, што не е скапо како етаблираните Android конкуренти, но не е ниту евтино како кинеската конкуренција.

Според мене името кое стои на смартфонот ќе биде доволно за добри продажни резултати, но не очекувам ништо спектакуларно. Но, што мислите вие? Дали овој телефон би го купиле пред Galaxy S8 и iPhone 8? Напишете во коментарите подолу.

Извор: The Verge, Venture Beat, GSMArena

Претходна статијаWeekend Media Festival во Хрватска ја донесува Turo – водечка peer-to-peer апликација за споделување на возила
Следна статијаLinkedIn ја претстави својата прва Windows 10 десктоп апликација