w10-phones-continuum

Еден од најважните новитети на Build конференцијата на Microsoft, веројатно е проширувањето на Continuum од таблетите кон телефоните. Имено, идните Windows 10 смартфони буквално ќе можат да се приклучат на голем надворешен монитор и да се користат како компјутери, со десктоп околина.

Ова ќе отвори многу нови можности за корисниците и начинот на кој ги користат своите паметни телефони. Имено, за оние кои вршат само полесни работи на компјутерите, односно лаптопите, доволно ќе биде само да го носат смартфонот со себе и да имаат екстерен дисплеј, Bluetooth маус и тастатура на местото каде работат, односно дома.

Можност за поврзување со поголеми дисплеи имаат многу паметни телефони денес, но Continuum ќе им овозможи на Windows 10 паметните телефони да имаат целосна десктоп работна околина, со можност за мултитаскинг во повеќе прозорци и слично. И самите апликации ќе се сменат како за поголем дисплеј, како на пример Office апликациите, кои ќе изгледаат исто како оние на компјутерите. Единствено старт менито малку ќе се разликува и ќе ги содржи само апликациите од телефонот, но тоа е и очекувано.

Секако, не очекувајте дека Continuum ќе биде достапен за сите Windows 10 телефони, бидејќи за десктоп работна околина сепак треба моќен паметен телефон, како на пример со Snapdragon 810 и барем 4 GB рам меморија. Ова можеби е и најава за Surface телефон, за кој се зборува повеќе од две години.

windows-10-tablet-build-stage

Покрај Continuum, Microsoft го претстави и подобрениот кориснички интерфејс за таблетите во Windows 10, кој е флексибилен и ќе се прилагодува според тоа како се користи таблетот. Сега се достапни и копчиња за мултитаскинг и копче за „назад“ кое ќе работи во сите апликации, како и старт копче, кое ќе ги содржи подесувањата, file explorer-от и слично. Копчињата за брз пристап, кои се сместени во таскбарот се промена во однос на Windows 8.1, каде сите вакви функции се прават преку различни движења на прстите на крајот од дисплејот, кои ги збунуваа повеќето од корисниците. И таблет верзијата на Windows 10, доколку се приклучи на поголем дисплеј, ќе има Continuum можност и ќе се адаптира во десктоп верзија, која ќе биде иста како кај лаптоп/десктоп компјутерите.

Сите овие промени не само што Microsoft се надева ќе му помогнат на Windows 10 да го зголеми присуството на пазарот, особено во мобилната телефонија, туку би можел и да го смени начинот на кој ги користиме уредите. Смартфон што може да се користи како десктоп компјутер? Да, благодарам!

Извор: Windows Central

Претходна статијаПристигна LG G4 – изработен од кожа и со импресивна камера
Следна статијаMicrosoft Edge е официјалното име на новиот прелистувач за Windows 10