Microsoft и неговите партнери, со Continuum можноста веќе ни претставија неколку интересни решенија за тоа како може да го користиме нашиот смартфон како десктоп и лаптоп. Сепак, идејата на Apple го носи ова решение на повисоко ниво – покрај тоа што компјутерот ќе го користи процесорот на iPhone, тој ќе се користи и како тачпад.

Идејата е следнава – го ставате вашиот телефон во лаптоп кутија, во која има само дополнителна батерија и нормално дисплеј. Потоа, тоа што го имате на телефонот ќе се прикаже на поголем дисплеј, со цел да може да работите на него, а телефонот ќе биде така поставен за да може да го користите како тачпад.

Засега ова е само патент на Apple, кој според тоа како се движат работите во мобилната технологија, би можел да стане и реалност. Секако, за ова Apple ќе треба да развие целосно нов кориснички интерфејс, кој би функционирал подобро со тастатура и тачпад (маус), но првичната идеја е одлична.

Исто така, ова решение овозможува надградба на телефонот (за подобри перформанси), што корисниците и така го прават на секои две години, без да мора да се надградува куќиштето.

Покрај овој патент, Apple поднесол и уште еден за користење на iPad како дисплеј од лаптоп, но ова решение е веќе видено кај многу Windows 10 таблети, кои стануваат вистински лаптопи кога ќе се прикачат на тастатура. За тоа, доволно е само да се погледне Surface Book. Единствената разлика е што iPad влегува во дополнителна рамка одоколу, што и не е некое особено импресивно решение.

Извор: The Next Web, The Verge, CNET

Претходна статијаВо Сингапур се тестира првото летечко такси
Следна статијаBlackBerry против љубопитните погледи во екранот на вашиот смартфон