Додека поголемиот број на корисници се’ уште функционираат на Android 5 и 6 верзиите, наместо на најновата 7ма верзија, Google веќе ја објави и направи достапна 8мата верзија од овој оперативен систем.

На ред за именувањето на системот е буквата O, па соодветно оваа верзија моментално е наречена Android O. Тоа значи дека официјалното име, кога ќе биде одредено во иднина, ќе започнува на буквата О.

Со оглед на тоа што се работи за прилично рана верзија во главно наменета за програмерите, ние како корисници не може да очекуваме многу информации за тоа каков ќе биде Android O. Тоа ќе биде објавувано во месеците што следат, а најголемиот дел од информациите ќе бидат објавени на Google I/O конференцијата во мај.

Android O Developer Preview е достапен како посебен фајл којшто може да се искористи за флешување на уредот, односно во оваа фаза истото не е можно преку надградба директно од телефонот. Телефоните на кои може да биде инсталирана оваа верзија ги вклучува: Pixel, Pixel XL, Pixel C, Nexus 5X и Nexus 6P.

Новини во Android O

Иако е се’ уште рано за прикажување на поголеми промени, сепак и во оваа верзија можеме да видиме одредени новини кои го покажуваат правецот во којшто ќе се движи развојот на оперативниот систем. Некои од новините во Android O се следните:

Работата што ја започна Google со претходните верзии од Android, а посебно Nougat, поврзана со траењето на батеријата на уредот, ја продолжува значително со О. Оперативниот систем ќе има дополнително ограничување на тоа што апликациите во позадина ќе може да прават, а со тоа да влијаат на траењето на батеријата.

Друга новина во Android ќе биде поврзана со системот за известувања, како што е случајот со секоја нова верзија. Android O ќе претстави систем на канали на известувања, што во основа значи дека програмерите ќе може да ги поделат известувањата коишто нивната апликација ги испраќа до корисниците според нивниот вид. На пример, апликациите ќе може да испраќаат известувања за одредена категорија на новости, односно одредена чет група во случај на апликација за комуникација.

Android O воведува подобрување во можноста на апликациите автоматски да пополнуваат одредени полиња. Најдобар пример за оваа функција е апликацијата LastPass која автоматски може да ги внесе вашите лозинки и во апликациите, а не само на веб прелистувачот.

Новата верзија од оперативниот систем воведува и можност за прилагодливи икони. Тоа значи дека иконите ќе може да се менуваат зависно од маската што корисникот ја користи, на пример. Иконите исто така ќе може да бидат анимирани.

Уште еден интересен додаток кој доаѓа со О е можноста за слика во слика, односно гледање на видеото од соодветната апликација додека правите други работи на телефонот.

Целосната листа на новини во Android O можете да ја погледнете на официјалната страна на Google за оваа намена на следниот линк.

Претходна статијаApple лансира освежен iPad и црвен iPhone 7 и 7 Plus
Следна статијаHyperloop започна да ја гради првата патничка кабина
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.