The Verge

Во текот на вчерашниот ден можевме да прочитаме дека Google, јас слободно би кажал конечно, планира да направи редизајн на веб верзијата од Gmail. Покрај новиот изглед за којшто беше најавено дека ќе преземе дел од дизајнот на Inbox by Gmail, новата верзија ќе вклучува и неколку нови функции.

Можноста за правење „snooze“ на пораките и нивно подоцнежно повторно појавување, како и „Smart Reply“ препораки за одговор на пораките (сепак корисни само за англиските корисници), се дел од очекуваните новини.

Што се однесува до самиот дизајн, главната промена ќе биде во интегрирањето на календарот од Google во посебна лента до пораките, а според сликите до кои дојде The Verge, во лентата ќе може да се прикаже и Google Keep, апликацијата за белешки, како и листата со задачи (tasks).

Од The Verge исто така истакнуваат дека новиот дизајн на Gmail ќе овозможи три различни распореди за прикажување на пораките. Стандарден којшто ќе биде сличен со тој на Inbox, каде во листата со пораки ќе се гледаат и прикачените документи и слики. Удобен којшто нема да ги прикажува прикачените документи и слики, како и компактен којшто ќе прикажува најмногу пораки што може на екранот, односно нешто како што е случајот со сегашната верзија.

Новата веб верзија од Gmail се очекува да им стане достапна на корисниците на G Suite и Gmail во неделите што следат, меѓутоа нема поконкретна најава за точната дата. Доколку сте активен корисник на Gmail и често ја користите неговата веб верзија, сигурно добро ќе ви дојде ова „освежување“ на сервисот.

ИЗВОР 2The Verge
Претходна статијаЕвропа сака да им даде права на роботите како на луѓето?
Следна статијаДобри сообраќајни навики кои ве прават безбеден возач
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.