Од време на време се појавува некој филм кој очекувате да е добар (и знаете дека ќе биде), но никако да стигнете да го гледате. За мене, тој филм беше You were never really here. Ова е еден од оние филмови што „лурка“ постојано во вашата потсвест, чекајќи да биде изгледан.

Очекувањата за филмот ми се остварија. Одличен е. Меѓутоа, она што не го очекував е тензијата и тешките чувства кои доаѓаат додека го гледате. Филмот е неверојатно мрачен, а во тоа помага кинематографијата и саундтракот, кои постојано ја набиваат и онака тензичната атмосфера.

Џо (Џоакин Феникс) е тип кој работи како платеник. Тој работи на случаи со исчезнати лица. Во филмот, Џо е најмен од страна на еден сенатор чија ќерка е исчезната. Сенаторот има сознание дека се наоѓа во куќа за трговија со деца. Џо има препорака „да биде брутален“.

Неговото оружје на избор е чекан. Тој е професионалец, ветеран во занаетот на ликвидирање на криминалци но и спасување на малолетни деца од неволја. Во една сцена која ја гледаме преку безбедносни камери, Џо се движи низ една куќа самоуверено совладувајќи неколку телохранители користејќи го својот чекан.

Нема да навлегувам премногу во заплетот. Приказната е прилично straightforward, и нема премногу изненадувања. Она што е фасцинантно е начинот на кој е снимен филмот. Нема премногу дијалог. Приказната ја следиме преку нејзините визуелни елементи.

Низ целиот филм, ние сме во главата на Џо. Тој е измачен од безброј демони кои го следат уште од детството (spoiler alert: не избрал чекан без никаква причина). Самото негово постоење го тишти, а единствената светла точка во неговиот живот е мајка му.

Иако филмот е одлично и оригинално снимен, глумата на Жоакин Феникс е просто неверојатна. Во кој филм и да се појави, човекот има Оскаровски перформанс. Тој не го глуми ликот. Тој Е ликот.

Без него, филмот ќе останеше запамтен како солидно парче што вреди да се гледа. Со него, се претвора во екстремно тешки, но привлечни за гледање 90 минути филм.

Претходна статијаТоп 7 препораки за секој ден од неделата (4)
Следна статијаНавики што ќе ви го подобрат денот: Пишување во дневник