Кога ќе се сетам на првиот Супермен од 2013 (Man of Steel), ми текнува колку многу уништување и смрт предизвикаа главниот херој и главниот негативец во последните сцени. Во нивната финална битка, тие срамнија неколку облакодери, уништија безброј возила и предизвикаа хаос низ градските улици.

Тоа несомнено резултираше со огромна бројка на човечки жртви. Впрочем, тоа беше и една од главните мотивации на Бетмен да се соочи со човекот од челик во Batman v. Superman: Dawn of Justice.

Но, поентата е друга. Според едно истражување главните херои („добрите“) се понасилни од негативците („лошите“) во филмовите со суперхерои. Истражувачите анализирале 10 филмови излезени помеѓу 2015 и 2016 година (Suicide SquadBatman: The Killing JokeTeenage Mutant Ninja Turtles: Out of the ShadowsX-Men: ApocalypseCaptain America: Civil WarBatman v. Superman: Dawn of JusticeDeadpoolFantastic FourAnt-Man и Avengers: Age of Ultron).

Тие дошле до сознание дека „добрите“ во просек извршувале 23 насилни чинови на секој час. Како споредба, негативците во просек извршувале „само“ 18 насилни чинови на еден час. Омилено насилно дело на суперхероите биле тепачките (1021 такви чинови) и употреба на смртоносно оружје (659).

Општата перцепција е дека суперхероите се секогаш добри и дека секогаш одбираат мирни начини на решавање на конфликти. Тоа особено важи за децата, кои им се восхитуваат и го моделираат своето однесување според она што го гледаат на екраните.

Сепак, во последниве неколку години се зачестува трендот на снимање на мрачни и т.н. „gritty“ суперхеројски филмови. Главните протагонисти се често измачени личности со траорно минато, а конфликтите најчесто ги решаваат преку насилство.

Во абстрактот од истражувањето е наведено дека родителите треба да ги гледаат филмовите заедно со своите деца и да дискутираат за сцените во кои има насилство. Според нив, тоа ќе доведе до тоа децата да развијат способности за критичко размислување и ќе спречи лесно да потпаднат под влијание на она што го гледаат, особено кога станува збор за физичко насилство.

Сепак, каде е забавата во тоа да ги гледаш овие безмозочни филмови со своите родители? Се уште не постои истражување кое дефинитивно докажува дека филмовите со насилство ги прават децата и тинејџерите понасилни (Тарантино имаше одлична дебата со една загрижена гледачка на неговите филмови).

Суперхеројските филмови се филмови кои во голема мера се потпираат на специјални ефекти и „тепачки“ помеѓу „добрите“ и „лошите“ во кои доброто речиси секогаш победува. Тие се абсурдни и нереални, и имаат една цел: да бидат забавни.

Претходна статијаВетувачкиот потенцијал на фитнес алките
Следна статијаНова празнична понуда на Македонски Телеком