Фитнес тракерите како Fitbit, Xiaomi Mi Band (има одлична Cyber Monday зделка на Али Експрес) и други слични уреди неколку години се обидуваат да завршат на зглобовите на фитнес ентузијастите. До одредена мера, успеваат во тоа. Од причина што ја завршуваат работата за која се создадени.

Тие даваат реална слика за тоа колку километри сме истрчале, колку часови сме поминале во длабок сон, и каков ни бил пулсот. Некои уреди не алармираат и кога ќе ни стигне порака на нашиот смартфон, или пак вибрираат на нашите зглобови кога се вклучува алармот.

И покрај сиве овие предности од користењето на ваков уред, се’ уште не постои совршен тракер кој ќе те спречува почесто да гледаш во својот смартфон. Напротив, повеќето уреди се врзани со апликација која мораш да ја инсталираш и редовно да ја употребуваш или да ја полниш со податоци (како на пр. што точно си изел/а денес).

Сепак, она што е интересно за иднината на овие тракери е потенцијалот кој тие го имаат за регулирање на менталната благосостојба на оние кои ги користат. Во една студија која почнала да се спроведува во 2016 година во Општата клиника во Бостон, Масачусетс, било демонстрирано дека фитнес алки и придружните апликации успеале да предвидат девијации во однесувањето на пациентите кои се согласиле да учествуваат во оваа студија.

Односно, тракерите еден ден однапред „предвиделе“ дека одредени пациенти ќе имаат самоубиствени помисли (пред воопшто да ги имаат таквите мисли). Ваквото сознание не се должи на „Нострадамусовиот“ карактер на овие технолошки уреди, туку на тоа што собираат податоци за спиењето на оние кои ги носат на себе, колку се движат во кревет, во кој дел од денот им отскоскнува пулсот и други податоци кои го разоткриваат секојдневието на „пациентот“.

Потенцијалот за подобрување на здравствената состојба на кој било човек што ќе ги користи овие алки е огромен. Она што се мери, може да се подобри. Ако сакате да зголемите мускулна маса или да ги намалите телесните маснотии, потребно е да ја следите својата исхрана, бројот на конзумираните калории како и соодносот на јаглехидрати, протеини и маснотии.

За да излезете од состојба на депресивни и самоубиствени мисли, ќе помогне доколку имате предвид кога тие се појавуваат, што ги причинува и да станувате свесни за таквите емоции.

Претходна статијаСите Motorola One уреди добиваат ажурирање до Android Pie
Следна статијаСуперхероите се понасилни од негативците