transparent-solar-panel-1

Тим истражувачи од Michigan State University развија безбојни соларни панели, што може да претставува значаен чекор во создавањето на енергија. Новиот тип на соларен концентратор кога е поставен на прозорец создава соларна енергија, при тоа дозволувајќи им на луѓето да гледаат низ прозорците. Ова би можело да значи дека еден ден секој прозорец во секоја зграда ќе генерира енергија.

Таканаречениот транспарентен луминисцентен соларен концентратор може да се постави на згради, мобилни телефони или на било кои други уреди кои имаат јасна површина.

Иако истражувањата во производството на енергија од соларни ќелии поставени околу луминисцентни пластични материјали не се новина, тие досега не покажале значајни резултати.

Соларниот систем користи мали органски молекули развиени од Richard Lunt и неговиот тим, кои абсорбираат специфични невидливи бранови должини од сончевата светлина. Материјалите можат да бидат нагодени да ги абсорбираат само ултравиолетовата и блиските инфрацрвени бранови должини, а да емитираат инфрацрвени бранови должини. Зраците се пропуштаат кон фотоволтаични соларни ќелии на работ од површината каде се конвертираат во енергија.

transparent-solar-panel-2

Yimu Zhao, студент на докторски студии по хемиско инженерство и наука за материјалите, и Richard Lunt, асистент професор вршат лабораториски тестирања.

Бидејќи материјалите не абсорбираат и не емитуваат светлина во видливиот спектар, тие се транспарентни за човечкото око.

Новата технологија е ветувачка, но мора да се поработи на нејзината ефикасност. Имено според истражувачите, ефикасноста на соларната конверзија е околу 1%. Идеално може да биде зголемена до 5%. При тоа тие напоменуваат дека највисокиот процент на ефикасна конверзија постигната со нетранспарентен луминисцентен соларен концентратор е околу 7%.

Ефикасноста на соларните технологии може да варира од 8-45%, во зависност од конкретните карактеристики. Една типична панела како оние што најчесто се инсталираат на крововите од домовите има ефикасност од околу 15%.

Луминисцентните соларни концентратори се помалку ефикасни од традиционалните фотоволтаични кои абсорбираат поголем опсег на бранови должини, но тие можат да создадат енергија на површини кои инаку никогаш не би генерирале енергија.

Извор: Engadget, Mashable

Претходна статијаUPP: Футуристички полнач со горивни ќелии
Следна статијаApple ги претстави iPhone 6 и iPhone 6 Plus