Извадена слика од црна дупка според пресметките направени за филмот „Меѓуѕвезден“

Режисерот Кристофер Нолан за потребите на својот најнов филм „Меѓуѕвезден“ (Interstellar) го ангажирал астрофизичарот Кип Торн за да работи со тимот за специјални ефекти. Тој имал задача со нив да создаде најреалистичен изглед на црна дупка кој би се прикажал на филм. И тука ги чекало вистинското изненадување.

Имено Торн постојано праќал купишта нови формули кои требале да се пресметаат и визуелизираат од страна на тимот за специјални ефекти. Се` на се` таквата пресмета опфаќала податоци во обем од 800 терабајти и кога завршила после саати рендерирање, сликата апсолутно ги изненадила сите присутни. „Црната“ дупка не изгледала воопшто црно, туку околу нејзе се појавил светлосен ореол (како што можете да забележите на горната слика).

Главниот на одделот за специјални ефекти, Пол Френкин, изјави: „Најдовме дека со виткање на просторот околу црната дупка се витка и акрециониот диск. Така што, место да изгледа како прстените на Сатурн околу црна сфера, светлината го создава овој необичен ореол“.  Астрофизичарот Торн ќе може да објави барем две истражувачки студии базирани на наодите од симулацијата на изгледот на црната дупка.

Инаку Кип Торн има претходно работено и на филмот „Контакт“ во кој главната улога ја има Џоди Фостер а е правен по книга на легендарниот Карл Саган. Ова е еден интересен пример каде различните индустрии можат да соработуваат во име на науката и подобрување на разни научни и технолошки достигнувања. Да се надеваме дека ваквата соработка ќе продолжи и ќе видиме за многу примери за откритија од ваква или слична симбиотична активност бидејќи претставуваат прилично поефикасен метод, секако каде што е можен.

Во продолжение погледнете го последниот трејлер за самиот филм:

Извор: Dazed Digital

Претходна статијаMicrosoft се приклучува на фитнес пазарот, ги претстави Microsoft Band и Microsoft Health
Следна статијаXiaomi стана третиот најголем производител на паметни телефони во светот