(продолжува од првиот дел во кој беа презентирани првите три лекции/совети)

Сагата продолжува

Откако трговецот не сакаше да ни ги врати парите со образложение дека не сме ја чувале амбалажата (која не сме обврзани да ја чуваме ако враќаме „производ со недостаток“! – види лекција бр.3), почнавме да правиме притисок од разни страни и на крај поднесовме поплака до Пазарниот инспекторат.

Проблемот е што трговците знаат да го мафтаат и Пазарниот инспекторат. Не треба да се очајува. Упорност, истрајност! Веднаш откако поднесовме пријава до Пазарниот инспекторат, ни се јавија од Сервисот на трговецот со нова приказна – лаптопот сепак бил функционален и можеме да го смениме или да си ги бараме парите назад само доколку се расипе три пати. Не дозволувајте да ве изиграат отпосле – затоа е и важна лекцијата бр.2 (во Сервисот веднаш, пред вас, да проверат и да потврдат што е проблемот).

Лекција бр.4: Знајте си ги правата и бидете упорни! Правилото (утврдено во чл.22 од Законот за заштита на потрошувачите) „да се расипе три пати па после може да го замените производот или да ви ги вратиме парите“ не е апликативно за ситуација кога ви продале „производ со недостаток“! Ова е сосема друга ситуација која уредува дека купениот производ може да се сервисира најмногу 3 пати во рамките на гарантниот рок и доколку не се поправи дури тогаш потрошувачт може да бара замена или враќање на парите. Ова е општо правило, НО НЕ Е апликативно ако имате производ со фалинка кој не функционира уште од сам старт!

Имајте предвид – не им е проблем на трговците да ви го заменат производот, но и те како ќе направат се за да не ви ги вратат парите назад. Тука е играта. Во нашиот случај (а најверојатно и во голем број други случаи), трговецот манипулира со правилата, а со цел да ве обесхрабри, да побарате замена и да се откажете од првичната намена  (патем, член 31-б од Законот за заштита на потрошувачите ова го нарекува „измамничка активност“, која е сместена во прекршувања на потрошувачките права за кои се предвидува највисока казна од 4,000 евра, но ваква казна не сме свесни да е некогаш изречена). Дали е нефер стратегија на трговците или пак непознавање на правата на потрошувачите, за нас и баш нема некоја разлика.

И за крај, последната и најважна лекција:

Лекција бр. 5: кои се тие посебни правила кои важат баш за ситуација во која ви продале „производ со недостаток“? Правилата се утврдени во чл.42, 43, 45 и 46 од Законот за заштита на потрошувачите и во оваа ситуација потрошувачот има право, ПО СВОЈ ИЗБОР, да бара или (1) бесплатно отстранување на проблемот, или (2) замена на производот, или (3) раскинување на договорот и враќање на платениот износ (во одредени ситуации и надомест на штета). Во оваа ситуација треба само да ја имате фискалната сметка и гаранцијата (иако советуваме да ја чувате и амбалажата) и трговецот е ДОЛЖЕН да го задоволи вашето барање. Кое и да е од трите горенаведени!

Со среќа.

Дополнителен линк:

Најчесто поставувани прашања за заштита на потрошувачките права, објавени на сајтот на Пазарниот инспекторат:

http://www.dpi.gov.mk/index.php?option=com_content&view=article&id=198&Itemid=170

Претходна статијаНов медиум во етерот – „1ТВ“ започнува со работа
Следна статијаПриватноста е мртва?