Сцена: Купен лаптоп од ________ (фирмата нема потреба да се обелоденува засега – акцентот е практиката на фирмите со која се ограничуваат потрошувачките права). Само што го направивме иницијалното инсталирање компјутерот не функционираше како што треба – ни го сменија со нов лаптоп од ист тип. После 3 дена овој лаптоп не се уклучуваше воопшто. Го вративме лаптопот назад бидејќи очигледно е „производ со недостаток“ и овој пат си ги побаравме парите назад.

Лекција бр. 1: Како за почеток, запомнете го терминот „производ со недостаток“. Производ со недостаток е производ кој не ги поседува квалитетите кои трговецот ги понудил и не покажува квалитет кој е вообичаен за производот од таков тип кој може разумно да се очекува (чл.42 од Законот за заштита на потрошувачите). Запомнете дека ако се соочите со, едноставно кажано, фаличен производ, важат многу специфични правила кои се во ваша корист! Ќе објасниме понатаму подетално, но ова Е најважната лекција – во случај на купен фаличен производ важат посебни правила различни од вообичаената ситуација кога ви се расипува производот во текот на гарантниот рок.

Кога го вративме компјутерот и си ги побаравме парите назад, не упатија во овластениот сервис на трговецот. Што е нормална практика – некој стручен и овластен сепак мора да потврди дека производот не е функционален и дека проблемот не е наша вина (!). Добивме потврда од сервисот дека сме го доставиле лаптопот и ни кажаа дека ќе не контактираат за неколку денови.

Лекција бр.2: Во сервис веднаш побарајте да го проверат производот пред вас и да ви издадат потврда дека е примен производ кој не функционира. Инсистирајте „пусулчето“ да потврди дека сте донеле нефункционален производ. Овој документ подоцна ќе ви претставува клучен документ доколку е неопходно да поднесете поплака против трговецот!      

Сагата почнува

После неколку дена ни се јавија од Сервис, ни потврдија дека лаптопот има проблем и не упатија да си избереме нов лаптоп. Повторивме дека не сакаме нов лаптоп (едноставно изгубивме доверба во фирмата) и дека си ги бараме парите назад, на што добивме одговор – ако не ја чувате амбалажата (кутијата од лаптопот) не можеме да ви ги вратиме парите.

Лекција бр.3: Доколку сте купиле фаличен производ, НЕМАТЕ ОБВРСКА да ја чувате амбалажата! Оваа обврска ја имате само во ситуација доколку сакате да го „замените производ со друг“ доколку истиот не ви е по кеиф (чл. 50 од Законот за заштита на потрошувачи). Односно, доколку не ви се допаѓа производот (во однос на форма, големина, модел, боја или сл.) имате право да барате да го замените во рок од 15 дена од денот на купувањето. Во оваа ситуација – и само во оваа (!) – мора да не сте го употребувале производот, да се сочувани сите употребни својства, пломби, фискална сметка, итн.

Сепак, без разлика што ова е друга ситуација од ситуација кога имате фаличен производ, најдобар совет е сепак секогаш да ја чувате амбалажата и сите придружни документи најмалку една година. 

Претходна статијаWindows 10 Spring Creators Update најверојатно ќе стане достапен од 10 април
Следна статијаAcer го претстави првиот таблет компјутер кој работи на Chrome OS