Доста од компаниите имаат посебен настап на кинескиот пазар кој е доволно посебен и голем за да се издвои од остатокот од светот. На овој пазар посебен успех имаат уредите од средната и средно високата класа, а HMD Global својот најнов Nokia уред од средната класа го претстави ексклузивно за кинескиот пазар.

Nokia X71 е телефон кој работи на Snapdragon 660, соодветно за својата класа и има 6GB RAM меморија, како и 128GB простор за податоци со можност за додавање на картичка.

Батеријата на телефонот е со капацитет од 3.500 mAh, што би требало да овозможи скоро цел ден користење со оглед на нешто послабите останати карактеристики, барем во споредба со највисоката класа.

На задната страна достапни се три камери од кои едната е со 48 мегапиксели, сензор од Sony кој беше најавен минатата година и го видовме веќе во неколку други модели од различни производители.

Nokia X71 привлекува внимание и со скоро непостоечките рамки околу екранот, а горниот дел наместо со исечок е решен со дупка за камерата, решение кое иако го видовме во неколку уреди, стана најмногу популарно со Galaxy S10 телефоните.

Овој телефон се очекува да добие и светски достапна верзија во периодот што следи, па доколку тоа се случи, ќе објавиме подетални информации за уредот кој ќе може да се купи надвор од Кина.