Moto Z3 Play е третото продолжение на Z Play серијата од овој познат бренд веќе неколку години во сопственост на Lenovo. Се работи за средно/висока класа, па соодветно на тоа се и неговите карактеристики и цена.

Телефонот доаѓа со 6 инчен Full HD Super AMOLED екран кој е направен во модерниот стил на што помали рамки околу него. За среќа тој нема исечок на горната страна, доаѓа во форматот 18:9, што значи дека е издолжен, а исто така екранот зафаќа 79% од предната страна, што значи дека се работи за просечно мали рамки.

Интересно кај овој уред е што сензорот за отпечатоци му е сместен на страната, па кога веќе не е на предната страна поради малите рамки, барем не мора да се бара со прстот на задната страна кај камерата.

Инаку, доаѓа со двојна камера на задната страна со 12 и 5 мегапиксели, како и помош од вештачката интелигенција за подобро слики.

Работи на Snapdragon 636 чипсетот, за кого од Lenovo истакнуваат дека има 30% подобри перформанси од ланскиот модел. RAM меморијата изнесува 4 GB, а меморијата за податоци може да се избере помеѓу 32 и 64 GB.

Батеријата на Moto Z3 Play е со капацитет од 3.000 mAh, а доаѓа со можноста за брзо полнење што во денешно време е скоро и неопходно како опција.

Она по што останува карактеристичен Z3 Play се moto mods додатоците. За таа цел уредот повторно на задната страна ги има приклучоците, а овие додатоци овозможуваат додавање на дополнителна батерија, проектор, принтер за слики и слично.

Moto Z3 Play ќе почне да се продава од овој месец, почнувајќи прво во Бразил. Цената ќе му изнесува околу 500 евра, што е соодветно за класата и перформансите.