Cityman-Mockup

Неколку пати до сега излегуваат неофицијални информации за новите знаменосци од Microsoft, а овој пат тие доаѓаат директно од Windows Central, портал специјализиран за новости од оваа компанија. Тие тврдат дека информациите доаѓаат од повеќе извори кои што се запознаени со случувањата и веруваат дека повеќето се точни и може да се очекуваат кога ќе бидат претставени телефоните.

Што се однесува до карактеристиките, информациите до кои што имаат дојдено од Windows Central се истите кои што ги објавивме оваа недела. Имињата на телефоните треба да бидат Lumia 950 и Lumia 950 XL, меѓутоа тоа се’ уште не било одлучено, па не може да се земе како сигурна информација. Она што се смета за сигурно се нивните кодни имиња кои што се користат за време на нивниот развој, а тоа се веќе објавените Talkman и Cityman.

Она што е ново како информација е достапноста на две бои како избор, односно бела и црна мат боја. Исто така, истакнато е дека дизајнот на уредите ќе биде целосно квадратен, а тие ќе се истакнуваат и со малата дебелина и тежина.

Сликата на почетокот од статијата е направена од страна на Windows Central врз основа на информациите кои што досега ги имаат добиено, како и моделите кои што им биле прикажани, па се најавува дека вака би требало да изгледа XL моделот.

Двата модели треба да вклучуваат сензор за скенирање на шареницата од очите, што ќе овозможи отклучување на уредот преку новата Windows Hello функција достапна и за другите уреди.

За поголемиот модел, односно Lumia 950 XL се најавува достапност и на пенкало, нешто што е често карактеристично за поголемите телефони. Овој модел треба да вклучува 5,7 инчен екран, што го става во таа категорија.

Информациите на Windows Central исто така говорат дека за моделите како посебен додаток ќе се продаваат футрола и док.

Футролата треба да вклучува тркалезен отвор преку кој што ќе можат да се гледаат нотификациите и повиците. Докот ќе биде за интересната и корисна Continuum функција на Windows 10, со што ќе се овозможи телефоните да се поврзат со екран, глувче и тастатура и да се користат како десктоп компјутери.

Овие додатоци нема да доаѓаат заедно со телефоните, односно корисниците ќе можат посебно да ги нарачаат.

Претставувањето на телефоните се очекува за оваа есен, поточно на IFA 2015 настанот, додека нивната продажба се очекува да започне некаде од октомври или ноември. Поголемиот модел се најавува дека би бил достапен неколку недели подоцна од помалиот.

Извор: Windows Central

Претходна статијаGirls in Tech го организира 5тиот Lady Pitch Night во Париз, најголем европски натпревар за стартапи основани од жени
Следна статијаКина лансираше два нови сателита за нивниот позиционен систем наречен Beidou
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.