key-lock-1

Во неколку претходни текстови се осврнавме на дигиталната приватност, шпиунирачки скандали различни методи на интрузија во приватните животи на граѓаните. Сепак, пропуштивме да елаборирам од кои причини им назначуваме важност на ваквите настани. Зошто би презеле чекор повеќе за да се заштитиме од неовластен упад во нашиот виртуелен простор, кога „ако немаме што да скриеме нема од што да се плашиме“? Имаме впечаток дека бесплатно ги уживаме услугите кои ни ги овозможуваат интернет компаниите. Економистите милуваат да посочат дека не постои „бесплатен ручек“ и дека се има своја цена. Аналогно на тоа, не постои бесплатна услуга на интернет. Променета е само валутата. Во овој случај, плаќаме со нашите лични податоци. Но зошто да се грижиме? На крајот на краиштата, доколку не можеме да го видиме натрапникот, тој исто како да не постои. Но тој постои и тоа во различни форми. Нашите приватни податоци се под постојана закана, како што тоа можеше да се воочи низ бројни примери минатите неколку години. Да почнеме со ред:

Државните органи

Доколку претходно дежурен кривец кога станува збор за злоупотреба на личните податоци беа големите компании, после аферата „Сноуден“ не постои никаков сомнеж дека нашите податоци се во најголема мера собирани од државните разузнавачки служби ширум светот. „Соработката“ со приватниот сектор државните органи ја користат за да си овозможат лесен пристап до информации поврзани со нас: информации за нашите пријатели, интереси, хоби, често посетени места итн. и оттаму соодветно да ја профилираат нашата личност. Оваа „соработка“ трае со години и вклучува илјадници технолошки компании како и телекомуникациски гиганти, кои најчесто немаат друг избор освен да соработуваат со нив. Сето ова под изговор дека на тој начин се ловат вистинските криминалци и се штити безбедноста на граѓаните, а сепак, статистиката покажува дека најголемиот дел од податоци се собирани од обичните интернет корисници, а не од лицата осомничени дека сториле некаков злостор. А кога овие податоци ќе бидат употребени надвор од нивниот контекст и кога се чувствуваме загрозени токму од тие што се задолжени да не штитат, тоа е доволна причина да бидеме загрижени. Време е да престане да се користи безбедноста како изговор за инвазија врз приватноста на обичниот граѓанин. А своите граѓани не ги шпиунираат само САД.

Паралелно на ова, владите ширум светот водат борба за уништување на анонимноста на интернет, задушувајќи го нагонот на граѓаните слободно да се изразуваат додека се онлајн, под страв дека се под постојано набљудување.

Компаниите чии услуги ги користиме секојдневно

Современите технолошки компании ни нудат услуги без кои не можеме да си го замислиме денешниот живот. Услуги кои беа незамисливи пред само една декада. Како што претходно напоменав, не постои бесплатен ручек, па за возврат ги плаќаме овие полезности со нашите податоци. Сето тоа е во ред, но тоа што не е во ред е кога ова се одвива на нетранспарентен начин без знаење на корисниците и без нивната согласност.

Целосно ги поддржувам овие компании во нивните напори да го компилираат човековото знаење за да биде достапно за секој човек што има пристап до интернет, како што тоа го прават Google, или пак да го олеснат начинот на кој комуницираме како што тоа го прави Facebook. Сепак, ниту тие не се толку невини како што се претставуваат во јавноста. Неодамна беше откриено дека Apple, Facebook, Yahoo, Google и др. компании кои ги уверуваа нивните корисници дека нивната приватност им е од примарно значење, всушност биле запознаени со „Prism” програмата и соработувале со разузнавачките служби на САД. Во 2010 година, Вол Стрит Журнал (Wall Street Journal) објави серијал на написи насловен „Што тие знаат“, во кој ги обелоденија методите со кои интернет компаниите ги следат нашите пребарувачки навики, и начинот на кој што тргуваат со нашите податоци, иако претходно гарантирале дека постапуваат со таквите информации на транспарентен начин, секогаш со знаење на корисниците. Во јуни пак, беше откриено дека Facebook вршел психолошки експерименти врз своите корисници без тие да бидат свесни дека биле вршени такви експерименти.

facebook-eye-1

Како што напредува технологијата, еродира приватноста, но уште поважно, еродираат и нашите очекувања за приватност. Забораваме дека приватноста е подлога за себеизразување и интелектуален раст, слобода на култивирање на личен животен стил и начин на однесување најблизок до нашата личност. Тивката опресија која резултира од знаењето дека сме под постојан надзор не води кон себецензурирање, страв од интелектуален „бунт“ и критика кон општеството во кое сите живееме. Време е да престанеме да бидеме мрзеливи и да преземеме нешто околу тоа. Во зборовите на Џон МекАфи „Не може да дозволиме интрузија во нашите животи и сè уште да имаме слобода. Единственото нешто што јас го имам е слобода, и доколку убаво размислите, слободата е единственото нешто што и Вие го имате“.

Извор: The Guardian

Претходна статијаAir Umbrella ве штити од дождот со користење на воздух
Следна статијаSkype ja претстави Qik, нова апликација за кратки видео пораки