qik-icon

Skype денеска претстави нова апликација наменета за испраќање на видео пораки на еден или повеќе пријатели. Наречена Qik уште од првиот ден е достапна за Android, iOS и Windows Phone 8.1 корисниците. За разлика од досега единствената Skype апликација, Qik не бара корисничка сметка за најавување, туку го користи вашиот телефонски број, па исто како Viber или WhatsApp ви овозможува да комуницирате со вашите контакти. Тоа сепак значи дека нема да можете да комуницирате со вашите пријатели од социјалните мрежи, а чии што телефонски броеви ги немате.

Видео пораките кои што можете да ги испратите на еден или повеќе Qik корисници (групни пораки), се ограничени на 42 секунди. Испраќањето е прилично едноставно, односно притискате на копчето, видеото се снима, па го испраќате на контактот кој што ќе го изберете. Секоја испратена порака самата се брише од сите уреди после две недели од нејзиното испраќање, а исто така ја имате можноста самите да ја избришете доколку се имате премислено. Кога ќе ја избришете пораката на вашиот уред, истата се брише од сите уреди до кои што истата била пратена, што ја става апликацијата во категоријата на популарните апликации кои што вклучуваат поголемо ниво на приватност.

qik-all-screens

Иако Qik е иста на сите платформи, на почетокот некои од функциите не се достапни за сите. Па така, можноста за блокирање на одредени контакти е достапна за корисниците на Android и Windows Phone, додека за iOS ќе биде достапна после неколку месеци.

Исто така, функцијата Qik Flik, која што ви овозможува да снимите до 12 кратки видео пораки со максимално траење од 5 секунди, е достапна за iOS и Android, а за Windows Phone ќе биде достапна по неколку месеци. Qik Flik е корисна функција за ситуациите кога не сте во можност да одговорите на одредени пораки, па можете да искористите некоја од овие претходно снимени пораки како брз одговор.

Интересно ќе биде да се види нивото на прифатеност на Qik од страна на корисниците, со оглед на фактот што веќе има голем број на апликации за комуницирање на разни начини. Сепак едноставноста на апликацијата, односно нејзината намена само за една работа може да се покаже како интересна за одредена категорија на корисници.

Симнете ја Qik од соодветната продавница доколку сте заинтересирани да ја пробате, па споделете ги вашите импресии во делот за коментари.

Извор: Skype, VB, WPCentral

Претходна статијаЗошто треба да се грижам за својата приватност?
Следна статијаFacebook стикерите достапни и за коментарите
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.