liftoff-710070

„Ракетите се зезнати“, на еден наврат изјави Елон Маск, сопственикот на приватната вселенска компанија од САД, SpaceX. Во последниве неколку недели, таа изјава добива поголема тежина, со оглед на неколкуте несреќи во кои беше загубен и еден човечки живот.

Најпрво, ракетата „Антарес“ на приватната вселенска компанија Орбитал, се сруши само неколку секунди по полетувањето. Конкретните причини за оваа несреќа се непознати, но тоа што е познато е дека членовите на екипажот на Орбитал го иницирале процесот за самоуништување на ракетата, бидејќи забележале дефект во нејзините мотори. Токму Елон Маск пред две години ги критикуваше Орбитал дека во своите ракети употребуваат (обновени) мотори произведени во Русија во 60-те години, нарекувајќи ги „шега“.

Само неколку дена по оваа несреќа, се урна леталото на компанијата Вирџин Галактик, SpaceShipTwo, притоа одземајќи го животот на едно лице, а сериозно повредувајќи друго. Летот беше дел од финалните подготовки на Вирџин Галактик со цел остварување на првиот комерцијален лет надвор од земјината атмосфера. Ричард Брансон, сопственикот на Вирџин, самоуверено изјавуваше дека очекува овој лет да се оствари во 2015 година, а карти за првиот лет купиле и повеќе славни личности меѓу кои Анџелина Џоли и Том Хенкс.

Со оглед на последните случувања, тешко дека сонот на Брансон ќе стане реалност, барем не во наредните неколку години. Ако ситуацијата со Орбитал е доволно јасна (без човечки загуби, полесно е рационално да се размислува за надминување на пречките), ситуацијата со Вирџин е сосема различна. За вселенскиот туризам да стане реалност, тој треба да биде најмалку еднакво безбеден (и евтин), како и авионскиот. А тоа е далеку од остварливо. Во последните 30 години, компанијата Орбитал има 95% успешно остварени летови. Тие важат за едни од најбезедните компании, кога станува збор за вселенските летови. Како за илустрација, во последните пет години, авионските летови на US Airlines имаат процентуална успешност од 99.999998, што се сведува не една несреќа што се случила во овој период. Според анализа на Блумберг, доколку комерцијалните авионски летови во САД би имале ист процент на успешност како и летовите на вселенската индустрија, ќе бевме сведоци на 272 авионски несреќи на ден.

Сепак, и покрај сите овие информации и трагичните човечки загуби, не треба да се губи надеж. Вселенската индустрија е проблематична поради тоа што нејзиниот развој се одвива доста побавно од останатите индустрии, во најголем дел поради огромните ресурси кои е потребно да се вложат (секоја мисија до месечината чини милијарди долари). Стагнацијата на иновациите во вселенската индустрија и вселенските летови, во голем дел се должи и на преовладувачкото мислење дека вложувањата во оваа индустрија се нереални и неоправдани трошења на парите на даночните обврзници. „Зошто да трошиме драгоцени ресурси на вселената, кога и така имаме доволно проблеми кои треба да ги решиме тука долу, на земјата?“, е најчестиот изговор на скептиците за патување во вселената. Но, веќе е докажано дека вложувањето во развојот на технологијата за истражување на вселената може да доведе до подобрување на повеќе аспекти од човековиот живот, од медицинската индустрија, па се до производството на апарати за домаќинството и бела техника (цела листа на изуми кои произлегле од развојот на технологијата за вселенско истражување може да пронајдете тука).

Позитивно е тоа што полека се отвора конкуренција во секторот каде што досега владееја единствено владините вселенски агенции. Пред неколку години НАСА за првпат склучи договор со неколку приватни вселенски компании, со цел тие да ја снабдуваат со залихи Меѓународната вселенска станица. Моментално, трите најголеми приватни компании за вселенски летови, Orbital, Boeing како и SpaceX имаат повеќегодишни договори за снабдување на Меѓународната вселенска станица.

На овој начин, се отвори можност за влез на други компании во овој пазар. Конкуренцијата се зголемува, а како и во другите сектори, оваа конкуренција ќе доведе до нови иновации и намалени цени и ќе го олесни процесот на ревитализација на оптимизмот за патување кон вселената, како и откривање на нови планети погодни за човеков живот.

Претходна статијаСлики од слетувањето на се’ уште непознатата локација на Philae на кометата
Следна статијаNokia N1 – новиот таблет на Nokia кој ветува