Минатата среда, 12 Ноември, беше историски ден за вселенските истражувања по успешното слетување на Philae леталото на 67P/Churyumov–Gerasimenko кометата. Philae е дел од мисијата на леталото Rosetta, на кое што беше донесено после 10 годишно патување во обид да се стигне до кометата. Слетување на комета е направено за првпат до сега, а целта е да се изврши истражување на ова вселенско тело за кое што се очекува да даде доста одговори, меѓу кои и за настанокот на сончевиот систем.
Сепак слетувањето иако може да се нарече генерално успешно, не поминa според направениот план. Системите за слетување на Philae не се вклучиле успешно, па леталото не успева да слета на саканата локација. Поради малата гравитација на кометата, по слетувањето, леталото се одбива повеќе пати по што слетува неоштетено на се’ уште непозната локација.
Доброто во целата ситуација е што леталото сепак има успеано да работи одреден период и да ја изврши својата мисија на прибирање на примероци и слики од површината на кометата. Тие информации успешно ги испраќа на Rosetta, па на Земјата, пред предвремено да се исклучи поради немање доволно сончева светлина за полнење на батеријата.
Иако се направени неколку обиди и леталото е насочено на подобра страна, сепак ќе мора да се чека подобра позиција на кометата до сонцето за да се види дали ќе биде доволно за полнење на батериите и повторно вклучување на леталото.
Rosetta леталото ќе остане во орбитата на кометата до идната година со што ќе ја продолжи својата мисија на истражување на кометата и прибирање на податоци преку вградените инструменти.
Користејќи една од камерите на Rosetta, ESA има добиено слики на кои што се гледа процесот на слетување на Philae и негово насочување во правецот од кометата каде што се верува дека има слетано. Иако уште не може да се утврди точната локација на леталото, сепак со овие слики и другите инструменти на Rosetta, се очекува лоцирањето да биде успешно со тек на време. Ако не, надежите остануваат на осветлување на делот каде што моментално е леталото на кометата, по што ќе може да се вклучи, па дури и да се обиде промена на неговата позиција.
Извор: ESA