Денеска е, слободно може да се каже, историски момент за вселенските истражувања кој што ќе им биде познат на луѓето заедно со слетувањето на луѓе на месечината, на роверите на Марс и слични.
Леталото слетувач Philae кое што патуваше на леталото Rosetta цели 10 години за да стигне до кометата 67P/Churyumov–Gerasimenko со цел да слета на неа, денеска успешно ја изврши таа мисија. Слетувањето иако успешно, сепак како и што би се очекувало има поминато со мали проблеми. Поради малата гравитација на кометата, леталото вклучува два системи за задржување на површината по слетувањето со цел да не се одбие назад и оштети. Потиснувачи кои што се вклучуваат во обратен правец од тие за време на летањето и слетувањето, како и харпунски систем за зацврстување на површината. Според информациите веднаш не било можно вклучување на овие системи, меѓутоа на крај слетувањето било успешно извршено. Се испитува можноста за повторно испукување на харпуните за дефинитивно зацврстување на леталото на површината.
Процесот на слетување на Philea траел околу 7 часа по одвојување од Rosetta, по што во 17:04 часот е добиен сигнал во контролниот центар на ESA во Германија. Леталото всушност има слетано нешто порано од тоа, но поради големата оддалеченост сигналот стига на земјата после околу 30-тина минути.
Ова е првата ваква мисија која што до овој степен ќе изврши проучување на една комета. Philae ќе собира податоци од површината, додека Rosetta ќе продолжи истото да го прави од орбитата околу неа. Двете летала имаат повеќе инструменти на нив кои што се потребни за вршењето на планираните мерења и зимање на примероци.
Исто така интересен факт од ова истражување е формата на кометата која што не била како што тоа се очекувало. Кометата испаднало дека е во форма која што до некаде ја дели на три дела, глава, врат и тело. По поминување на кометата поблиску до сонцето од тоа што е сега, можно е нејзино кршење, односно менување на формата. Тоа како и да е, не е воопшто чудно за кометите, поради тоа што тие се сметаат за доста непредвидливи вселенски објекти.
Интересот за истражување на кометите, покрај љубопитноста е и претпоставката дека од нив може многу да се научи за настанувањето на сончевиот систем пред повеќе милијарди години. Тие се сметаат за еден вид на временски машини кои што ги чуваат информациите замрзнати во нивното јадро.
По добивањето на сигналот од Philae за успешното слетување, присутните во контролниот центар на ESA очекувано почнаа да слават.