Gunther-Oettinger_3075102b

Последните измени на раководните места во Европската Унија го изменија впечатокот дека само во нашата земја како лидери на некои ресори се назначуваат лица без никакво претходно работно искуство во областа за која се назначени.

Имено, Европската Унија неодамна го назначи Гунтер Етингер (Günther Oettinger), претходно Комесар за енергетски прашања, за нов Комесар за дигитална економија и општество. Neelie Kroes, која досега ја извршуваше оваа функција, успешно го заокружи својот мандат, поддржувајќи ја борбата и протестите на унгарскиот народ против предлогот на владата на Виктор Орбан за оданочување на интернетот. Таа претходно исто така јавно го искажа својот став против SOPA (Stop Online Piracy Act), контроверзниот закон кој „падна“ во 2012 година. Сепак, судејќи според последните негови постапки, Етингер не ветува дека ќе продолжи по патот поплочен од Kroes. На неколку наврати, тој зазема ставови кои укажаа на неговото непознавање на начинот на кој функционира токму секторот чиј развој тој треба да го раководи.

Неговиот прв контроверзен став дојде по „хакнувањето“ на iCloud корисничките профили на голем број славни личности од САД, при што беа обелоденети нивните приватни фотографии кои тие ги направиле со својот мобилен уред. Одговарајќи на серија на прашања на сослушување пред Европскиот Парламент, Етингер ги омаловажи лицата чија приватност беше нарушена, со тоа што изјави дека не е негова работа да ги брани ѕвездите кои се „доволно глупави да се сликаат голи и потоа да ги прикачат тие слики онлајн“ и дека „некои луѓе не можат – или пак само делумно можат – да бидат излечени од глупавост“.

Ваквите изјави (сосема оправдано) наидоа на сериозни критики од дигиталните активисти како и некои од колегите на Етингер во Европскиот Парламент. Според Јан Филип Албрехт, европратеник на Зелената партија од Германија, Етингер. “…покажа дека сè уште не го разбрал вистинскиот проблем зад овој инцидент“.

Џулија Рид, претставничката на Пиратската партија во Европскиот Парламент, посочи на неговото елементарно непознавање на фактите на овој случај „Спротивно на она што го кажува Отингер, сликите сепак не се ‘прикачени на интернет’… Се чини дека напаѓачите пронашле начин да ја пробијат нивната енкрипција поради безбедносни пропусти, како на пр. преку употреба на механизам кој овозможува внесување на огромен број на комбинации од лозинки едноподруго“. Што значи дека не, јавното срамотење на овие лица не се должеше на нивната глупавост, туку на нечесните намери на некои лица кои ги имале потребните алатки (и талент?), и премногу слободно време на располагање.

И покрај тоа, Етингер со неговите изјави целосно ја префрла вината кај самите лица чија приватност била нарушена. Доаѓајќи од било кого, оваа изјава може лесно да ја занемариме. Сепак, во овој случај станува збор за човек кој ќе биде задолжен за водење на политика која засега над 500 милиони луѓе. Човек чија примарна должност е да ја зајакне довербата на луѓето во придобивките од дигиталната економија, да ги поттикне на интернет трговија, што пак ќе придонесе до зголемување на конкуретноста на европската дигиталната економија и претприемништво. Етингер дури се пошегува дека неговиот син ќе ја врши функцијата на негов консултант во текот на неговиот мандат. Наместо да се служи со навредливи зборови, тој треба да се фокусира на зајакнување на безбедноста на корисниците на интернет, и да ја спречи појавата на ваквите пропусти во иднина.

Дополнително загрижува тоа што Етингер ги обелодени своите планови за зајакнување на правната рамка за заштита на авторските права во ЕУ. Меѓудругото, тој планира да воведе данок наменет за интернет пребарувачите како Google, при што тие ќе треба да плаќаат одредени давачки за секое прикажување на авторски и интелектуални дела со потекло од ЕУ „Ако Google презема и користи интелектуална сопственост на ЕУ, ЕУ може да ја заштити оваа сопственост со тоа што ќе побара од Google да плаќа за секое преземање“.

mg5vigg5bjlhqoty6k9n

Оваа изјава доаѓа по „војната“ на Google со повеќе европски издавачки куќи, кои го обвинуваат Google дека со тоа што ги линкува и прикажува нивните написи, врши злоупотреба на нивните авторски права. Вреди да се спомене дека вештачкото поттикнување на конкурентноста во технолошкиот сектор, може да предизвика правно-регулаторен хаос од кој полза нема да има ниту една засегната страна.

Дигиталното општество треба да се движи кон зајакнување на претприемачкиот дух и интернет безбедноста, како и поттикнување на иновативноста на европските старт-апи со што европската дигитална економија ќе и конкурира на таа на САД. Целокупниот впечаток од досегашниот опус на Етингер е дека наместо да чекори во овој правец, тој само ќе го зголеми јазот помеѓу технолошките компании од САД и ЕУ. Етингер се соочува со огромен предизвик во вршењето на неговата нова функција. Последиците од начинот на кој што ќе се справи со тој предизвик ќе ги почуствуваме сите.

Претходна статијаSpaceX планира да лансира повеќе микро сателите за непречен и евтин интернет пристап
Следна статијаPhilae успешно слета на кометата по издвојувањето од Rosetta