Живееме во време во кое еродираат границите помеѓу јавното и приватното, односно приватното се повеќе престанува да биде „приватно“ поради намалените очекувања на граѓаните кога станува збор за нивото на приватност кое тие сметаат дека треба да го уживаат. Од една страна, предводниците на технолошката револуција не убедуваат дека треба да се откажеме од приватноста за да овозможиме уште поголем технолошки прогрес, како тие две работи да се взаемно исклучиви. Од друга страна, таа технолошка моќ го овозможува шпионирањето не само на легитимни цели, односно лица за кои постои основано сомнение дека се вмешани во криминални дејствија, туку и на огромен број на невини лица, обични граѓани.

Се разбира, ваквото шпионирање треба сеопфатно да се заузда, со употреба на законски средства и правни лекови, со цел да се спречи неговата репетитивност. Сепак, ќе се согласите со мене дека досега не било поважно да ја освежиме нашата меморија во однос на некои начини со кои можеме да ја зачуваме нашата приватност и анонимност. Новица Наков, во својот пост „Одбрана од неовластен надзор“ наведува неколку совети и алатки со кои можеме да достигнеме солидно ниво на заштита:

Првиот очигледен совет е дека ако сакате приватност кога одите некаде треба да го оставите мобилниот телефон дома. Мобилните телефони сами по себе се уреди за надзор. Вашата положба може да се добие преку базните станици со кои се врзува телефонот.

Тешко изводлив совет, со оглед на незаменливоста на смартфоните во нашето секојдневие. Сепак, очигледно е дека ова е најефикасниот начин да се осигурате дека вашите комуникации не се набљудувани, барем во случаите кога не сакате да бидат (набљудувани).

Вториот очигледен совет е дека треба да стоите понастрана од производи што се изградени на затворени платформи (Apple е пример за тоа). Ако не можете да видите што прави уредот, тогаш не може да знаете дали прави нешто против вас.

Не би се согласил (целосно) со овој совет. Точно, затвореноста не спречува да видиме дали некој прави нешто против нас, но истовремено спречува и други лица да го прават тоа што ние не сакаме да го прават. Иако нивниот систем е затворен, енкрипцијата на Apple го оневозможува провизорното споделување на нашите информации дури и со безбедносните служби, со тоа што и самите тие не можат да го заобиколат системот на енкрипција кои го вградиле во нивниот најнов софтвер.

Третиот совет е — седете понастрана и од социјалните мрежи како Facebook.

Доколку мислите дека е невозможно да го следите овој совет, тогаш има начини како да се заштитите додека го користите Фејсбук, и да спречите вашите информации да бидат споделувани со трети страни, преку подесување на приватноста на вашиот профил. Lifehacker има одличен водич наменет токму за оваа цел.

Често говорам за важноста на енкрипцијата и напорите на одредени авторитарни власти за нејзино уништување, од причина што таа е една од најефикасните алатки за зачувување на нашата приватност и анонимност. Новица размислува во слична насока:

Четвртиот совет е да користите енкрипција. Енкрипцијата на електронска пошта е стара алатка, но (релативно) комплицирана за употреба и често поради тоа непопуларна. Но додека се чека на елегантно решение за пошта (се вика mailpile), можете да ги опремите вашите телефони со алатки за тајност. Инсталирајте textsecure и redphone за да имате пораки налик на viber и voip кои што ќе бидат енкриптирани. Исто така можете да ги опремите вашите компјутери и телефони со алатки за анонимност — инсталирајте tor.

Во меѓувреме, можете да се потсетите на некои совети кои претходно сме ги споделиле со кои ќе ја заштитите својата приватност, и зошто таа е важна, во овој и овој напис. Оправданоста на масовното набљудување зависи од тоа како истото ќе биде дочекано од поширокото население. Тие што навистина се загрижени од еродирањето на приватноста на македонско, и глобално ниво, ќе пронајдат драгоцени алатки во овој напис со кои ќе ја сочуваат својата, а и приватноста на своите блиски во доба во која сите се обидуваат да ја уништат.

Претходна статијаЈапонската компанија Shimizu објави план за изградба на подводен град
Следна статијаApple го зголемува лимитот за големина на апликации во App Store