Веќе неколку месеци на пазарот е достапна новата генерација од Galaxy S серијата од Samsung, односно Galaxy S21. Како и минатата година, а исто како и останатите на пазарот, Galaxy S21 се состои од три различни модели, Galaxy S21, S21+ и секако врвот на пазарот Galaxy S21 Ultra.

Galaxy S21+ 5G оваа година повторно ќе биде изборот на корисниците кои го сакаат најдоброто на пазарот, во поголем формат, односно со поголем екран. Samsung воведува доволно новини кај овој модел во споредба со минатогодишниот за да може целосно да се оправда препораката за купување на нов телефон.

Оваа година корисниците можат да очекуваат многу подобар чип и перформанси, освежен и уникатен изглед, промена кај екранот и се разбира кај карактеристиките. Сите овие промени доаѓаат и со намалена цена, па веќе сме сигурни во добрите бројки кои ќе ги има оваа година Samsung со продажбата на Galaxy S серијата.

Дизајн

Иако не може да се каже дека Galaxy S21 серијата има драстично нов изглед, сепак промените кои се направени се доволно за да се каже дека е оправдана промената на телефонот, дури само и поради оваа карактеристика.

Промените во дизајнот може да се поделат во неколку делови, а главната која би ја издвоиле е модулот за камерата. За разлика од претходната година, оваа година Samsung имаат единствен и уникатен дизајн кој не го гледаме кај конкурентите. Galaxy S21+ целосно се издвојува на пазарот и корисниците добиваат навистина уникатен уред.

Уникатноста не е единствената карактеристика. Модулот кој се прелева од страната на уредот изгледа одлично, а исто така го прави препознатлив. Ретко досега сме добиле реакција на телефонот, односно прашање дали имаме нов телефон.

Задната страна исто така има промена за разлика од минатогодишните модели. После повеќе години, Samsung повторно ја воведува мат изведбата на задниот дел и мислиме дека тоа изгледа одлично. Прашање е на вкус, но нас лично секогаш повеќе ни се допаѓале мат изведбите кои не оставаат многу простор за отисоците од прстите, не светат и се едноставно попријатни за гледање.

На предната страна исто така имаме новини кај годинешниот модел. Samsung од воведувањето на заоблениот екран, секоја година постепено го намалува тоа заоблување, па оваа година и воопшто го нема. Може да е желбата за промена, но нас рамниот екран ни изгледа одлично и многу подобро од претходните модели. Се добива подобро чувство при користење без ризик од правење на допир по грешка од страните.

Рамките околу екранот се дополнително намалени, па слободно може да се каже дека Galaxy S21+ го овозможува едно од најдобрите искуства при користење на смартфон.

Предната камера повторно е поставена во мала „дупка“, со што воопшто не смета при користењето, за разлика од исечокот, без разлика колку е тој мал.

Карактеристики

Samsung Galaxy S21+ 5G доаѓа со 6,7 инчен AMOLED екран кој оваа година целосно се разликува од трендот на компанијата да става екрани со највисока резолуција кај своите уреди од највисоката класа. Оваа година S21+ доаѓа со Full HD екран, односно екран со резолуција од 2.400 на 1.080 пиксели со што се добива нивна густина од 394 ppi.

Причината за оваа одлука е јасна. По воведувањето на стапка на освежување на екранот од 120 херци минатата година, оваа карактеристика стана многу поважна од резолуцијата на екранот, а за заштеда на батеријата истата беше достапна во помалата резолуција. Корисниците лесно се одлучуваа за помалата резолуција само за да ја користат стапката на освежување од 120 херци.

Слободно можеме да кажеме дека разликата и тешко може да се забележи, односно поголемата резолуција нема да ви недостасува, а тука е стапката на освежување од 120 херци, која се прилагодува зависно од тоа што се гледа, за да се заштеди батеријата.

По делумно негативните рецензии минатата година за Exynos чипот, Samsung оваа година со право најави дека Exynos се враќа. Чипот е многу подобар од минатогодишниот модел, па може да заклучиме дека Exynos 2100, кој е направен на 5nm технологија, оваа година нема да ги разочара корисниците.

Камерите кај Galaxy S21+ се четири, односно три на задната страна и една селфи камера. Камерите на задната страна доаѓаат со сензори од 12, 64 и 12 мегапиксели. Со оглед на тоа што главните новини од камерите се кај Ultra моделот, оваа година ги имаме истите камери од серијата од минатата година, па веќе сме запознаени со нивниот одличен квалитет, а тука е и новиот процесор и софтвер за да овозможат и доволно подобрување.

Дневно користење и перформанси

Уште на самиот почеток станува јасно дека Galaxy S21+ доаѓа со доволно новини за да не се добие чувството дека се користи сличен телефон со веќе видени карактеристики. Телефонот функционира одлично без разлика која е активноста која се прави, а тоа исто така важи и при користење во десктоп режим преку DeX, на монитор или на телевизор.

Главната работа која нè интересираше е траењето на батеријата која е со капацитет од 4.800 mAh. Со оглед на тоа што ние сме поактивни корисници на мобилен телефон, ретко се случува да со едно полнење можеме да го поминеме денот, па Galaxy S21+ го полневме по два пати.

Сепак, кога ќе помине периодот на тестирање и пробување на телефонот и враќање во „нормала“, уредот без проблем го издржуваше денот со едно полнење.

Подобрување може да се забележи кај сликањето, нешто што троши ресурси од процесорот. За разлика од минатата година, сликањето е побрзо, а со тоа се забележува и подобрување во квалитетот на сликите.

ПРЕГЛЕД НА ОЦЕНКАТА
Дизајн
Екран
Перформанси и камера
Батерија
Претходна статијаAmazon отвори фризерски салон во Лондон
Следна статијаStarlink од SpaceX ќе може да нуди целосно мобилен интернет до крајот на годината
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.
recenzija-na-samsung-galaxy-s21-5gМожеме да заклучиме дека Samsung останува лидер на пазарот и со годинешната S серија. Воведени се доволно новини за да може да се каже дека имаме нов телефон на пазарот, доволно подобрувања, а посебно треба да се истакне и новиот чип од компанијата.