SwiftKey-Neural-Networks-BlogImage

SwiftKey е една од најпознатите апликации која што ја заменува стандардната тастатура на Android, а од осмата верзија на оперативниот систем и на iOS.

Главната причина за големата популарност е системот за предвидување на зборовите кои што би сакале да ги внесете при разговор, па со тоа предлозите кои што се даваат се многу покорисни од другите тастатури. Исто така, SwiftKey за разлика од другите тастатури, воведе систем на предложување на само три зборови, наместо многу повеќе, што го прави пишувањето многу побрзо и поедноставно. Добриот систем за предвидување на зборовите им овозможува да функционираат само со три зборови, нешто што би било проблем доколку овие зборови се ретко тие што корисникот сака да ги внесе.

Сепак, работите или одат напред или заостануваат назад за конкуренцијата. Така, веќе одличниот систем за предвидување е користен од доста конкуренти, па SwiftKey работи на наредната генерација која што повторно треба да покаже зошто оваа апликација е толку популарна.

Новиот систем за предвидување на зборовите функционира на целосно различен систем. Новиот систем е базиран на вештачката неврална мрежна технологија која што почна да се развива изминатите години. Главната карактеристика на оваа технологија е нејзиниот начин на работа, односно се базира на работа која што го имитира начинот на работа на човечкиот мозок.

Стариот систем е наречен n-gram и истиот предлозите во главно ги дава врз основа на последните два напишани зборови и базата на најчесто користени зборови после соодветната комбинација. Тоа иако се покажа како успешно, сепак во одредени ситуации дава непотребни, односно нелогични и неупотребливи предлози.

Comparison-1-6

Системот кој што се базира на неврална мрежа ги зима во предвид сите напишани зборови во започнатата реченица и се обидува да го „разбере“ нејзиното значење. Со тоа предложените зборови нема да се темелат само на претходно користените зборови, тука и на логика која што би следела во посебните случаи.

Од SwiftKey истакнуваат дека ова е само почетокот и дека во иднина нивната тастатура ќе може да го научи стилот на пишување на корисниците и да предложува цели реченици пред да бидат напишани.

Системот на невралната мрежа е сместен во самата апликација и нема да работи поврзувајќи се со облакот, односно со сервери каде што би се одвивал целиот процес на предвидување. Ова од компанијата истакнуваат дека е голем напредок на ваквата технологија која што често бара големи ресурси.

Новата тастатура е достапна за тестирање на Android, а доколку сте спремни да користите недовршен производ кој што најверојатно е полн со багови, можете да ја симнете алфа верзијата од Play продавницата преку овој линк.

Извор: SwiftKey, PCWorld, TNW

Претходна статијаЕве како работи воденото ладење во новите Surface Pro 4 и Lumia 950/950 XL
Следна статијаКорисниците на Windows 10 не го користат новиот Microsoft Edge прелистувач
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.