499247-samsung-smart-windshield

Најголемиот производител во светот на технологијата, иновира како никогаш досега. Нивниот нов концепт е паметно ветробранско стакло, кое има за цел да ги намали сообраќајните несреќи на мотоциклистите, а всушност е проектор кој може да прикаже слика на стаклото.

Идејата е мотоциклистите да не мораат да го извадат својот паметен телефон за да ја видат новата нотификација, бидејќи тогаш ја тргаат едната рака од рачката, а и видот им се фокусира на друго место. Вака, мотоциклистот ќе може да види што има ново на своето ветробранско стакло и воедно низ него да го гледа сообраќајот.

Според информациите на “National Highway Traffic Safety Administration” на САД, мотоциклистите имаат 35 пати повеќе шанса да умрат во сообраќајни несреќи, додека 24% од возачите од 18 до 24 години користат паметен телефон во текот на возењето, што значи дека производителите мора нешто да преземат за да ја намалат таа бројка.

Ова решение на Samsung делува одлично на прв поглед, но кога ќе се размисли подобро, со него мотоциклистот константно ќе има слика на ветробранското стакло. Да, во исто време ќе може да го гледа патот, но фокусот скоро секогаш ќе биде на сликата, а не на околината. Можам да замислам како корисниците ќе го користат ова за да скролаат по тајмлајнот на Facebook додека возат, што секако не е добра работа…

Од друга страна, ова решение може да е одлично за GPS навигација, која може директно да ја пренесува од таа што ја има корисникот на својот паметен телефон. Сепак, би било добро ако системот може да блокира одредени функции додека се движи моторот и да ги остави најзначајните, исто како што прават мултимедијалните системи во автомобилите.

Засега, идејата на Samsung е само концепт, но како одат работите во светот на автомобилизмот и мотоциклизмот, искрено нема да бидам зачуден ако вакви системи почнат да се вградуваат дури и од наредната година.

Извор: PC Mag, The Verge, Autoblog

Претходна статијаMicrosoft го претстави Project Centennial – можност за конвертирање на обичните програми во универзални
Следна статијаОбјавено досега најголемото „протекување на информации“ за корупција на светски лидери