shape-changing-polymer-u-rochester

Човештвото денес користи еден куп полимери кои вршат најразлични работи. Еден од најпознатите можеби е најлонот (наречен така поради соработка од Њујорк и Лондон), но постојат и други за кои често не сме свесни, како вештачката гума, поливинил хлорид (PVC), неопрен, силиконот и така натаму. Тие се составени од огромни низи на повторувачки молекули, па оттаму се наречени полимери: поли (многу) и мер (парчиња).

Полимерите често имаат некои потребни карактеристики за кои ги користиме, а научниците се трудат да им ги подобрат. Една од тие карактеристики е менувањето на формата при различни услови, особено при смена на температура.

Па така научниците од Универзитетот од Рочестер успеаа да создадат полимер кој е растеглив, но кој се враќа во својата оригинална форма при благо покачување на температурата. Кога ќе се растегне, материјалот ја губи својата еластичност што му овозможува да се задржи во новата состојба. Губењето на еластичноста е поради тоа што внатрешната структура се кристализира и се фиксира во позиција.

Ако по кристализацијата благо се зголеми температурата во материјалот, кристалите се топат и на него му се враќа еластичноста. Поради тоа тој се враќа во почетната состојба. Како што можете да забележите на видеото, зголемувањето на температурата може да се направи и со обично допирање на човечки прст бидејќи разликата од неколку степени од надвор е доволна за да предизвика топење на кристалите.

Интересното е што полимерот при тегнењето во своите кристали ја складира кинетичката енергија и потоа кога ќе се загрее ја враќа назад, што му овозможува да крене дури илјадници пати од својата тежина. Ова секако ќе може да се користи во најразлични ситуации, на пример за управување со пакети во фабрики кои ќе бидат врзани на вакви полимерски врвки и кои при менување на температурата ќе се поместуваат или подигнуваат.

Ваквиот материјал ќе може да се користи и за создавање на облека која самата ќе се мести на вашата форма. Замислете кошула која кога ќе ја облечете таа почнува да се „растопува“ и станува еластична, местејќи се совршено на вашето тело. Кога ќе ја извадите, се кристализира и лесно може да се пакува и пренесува без страв дека ќе се извитка.

Дополнителни информации: Engadget, TechTimes, Immortal

Претходна статијаИнтел и Лејди Гага се здружија за неверојатно музичко искуство на 58-то издание на годишните GRAMMY награди
Следна статијаНајави за спојување на VAIO, Toshiba и Fujitsu во еден компјутерски гигант