Ова може да звучи како систем кој ги чита мислите, меѓутоа се работи за тотално друга работа, која може слободно да се каже дека го дава истиот резултат. Во основа, научниците од MIT Универзитетот имаат развиено систем којшто ги детектира минималните промени кои се случуваат во мускулите на лицето кога вербализираме одредени реченици во главата, односно не ги кажуваме на глас.

Ова е нова информација за мене, иако според информациите за истата се знае повеќе од 100 години. Во основа, кога размислуваме самите во себе, а посебно кога кажуваме одредени реченици внатре во мислите, мозокот сепак испраќа одредени сигнали, како што тоа би го направил кога сакаме да кажеме нешто на глас.

AlterEgo системот преку електроди на лицето и вилицата ги детектира овие сигнали до мускулите и успева да ги преобрати во речениците кои сме ги замислиле, односно внатрешно вербализирале. Системот е тестиран подолго време, преку поставување на електроди на различни места на лицето со цел да се открие кои позиции даваат најточни резултати.

Моменталната верзија од системот успева со точност од 92% да ги препознае кажаните реченици, со поставување на електроди на 4 позиции на лицето и вилицата.

AlterEgo системот вклучува и слушалка која му испраќа на корисникот одговор на поставеното прашање, односно преку којшто се прави комуникација. Слушалката го испраќа звукот преку коските на вилицата до увото, што значи дека во ниеден момент не му пречи на корисникот нормално да комуницира и да ги слуша надворешните звуци.

Во продолжение и видео од MIT во кое се објаснува функционирањето на овој нов и интересен систем.

ИЗВОРCnet
ИЗВОР 2MIT
Претходна статијаAMD ја претстави втората генерација од одличните Ryzen процесори
Следна статијаGerman Cooperation Startup Camp дел од Дигиталниот самит за Западен Балкан
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.