Секој организам, односно живот на планетава е составен од ДНК – долга низа на протеини која ги дава сите карактеристики на едно живо суштество. ДНК низите содржат огромен број на информации и веќе подолго време многу научници кокетираа со идејата дека овие низи можат да се искористат за изработка на компјутери.

Но, зошто воопшто ни требаат вакви компјутери? Бидејќи ќе бидат живи и ќе можат да растат согласно со нивните потреби. Спротивно на компјутерите со вештачка интелигенција, кои се ограничени на хардверската страна (освен ако не бидат надградени од човекот), овие компјутери ќе можат да го надградуваат и хардверот и софтверот, исклучително брзо.

Благодарение на ова, компјутерите базирани на ДНК ќе можат да извршуваат многу функции одеднаш, слично на квантните компјутери, а ќе можат да сместат и извонредни 100 милијарди петабајти податоци во само еден грам ДНК. Професорот Кинг од Универзитетот во Манчестер, кој е главен на овој проект, има многу добро објаснување за како би функционирале овие компјутери.

Замислете дека има лавиринт и компјутерот мора да избере по кој пат ќе тргне. Денешните компјутери мораат да изберат еден пат, да го изодат до крај и потоа да проценат дали бил вистинскиот. ДНК компјутерот може да се реплицира и да оди по сите можни патишта симултано, многу побрзо наоѓајќи го одговорот, односно вистинскиот пат.

Засега компјутерот кој е креиран од Професор Рос Д. Кинг и неговиот тим не може да се имплементира во уредите наменети за пошироката јавност, за што пред сѐ препрека е цената – 1 мегабајт ДНК чини 12.500 долари. Сепак, аналитичарите очекуваат во иднина цената да паѓа, иако не очекувајте тоа да се случи наскоро. Како и секогаш, потребно е повеќе истражување.

Извор: Engadget, Futurism, Hexus

Претходна статијаPanasonic разви соларен кров за Toyota Prius
Следна статијаНовиот iPhone ќе се вика “Edition”, ќе биде претставен покасно од планираното?