microsoft-build-2016-san-francisco-640x0

На Build конференцијата на Microsoft, еден од најголемите производители на премиум автомобили во светот го претстави својот нов BMW Connected систем, кој ја користи Microsoft Azure “Cloud” платформата и кој има за цел да го олесни животот на возачите на нивните автомобили.

Системот е своевидна „копија“ на дигиталните асистенти како “Cortana”, “Google Now” и “Siri” и може да извршува многу функции за сопственикот на возилото. На пример, системот може целосно да го контролира календарот и да ве насочи на адресата на следниот состанок, да дава опции за каде да наполните гориво (или батерии), да кажува информации за сообраќајот кога ќе одите дома или на работа и дали ќе може да стигнете навреме на некој состанок итн. BMW Connected функционира дури и кога ќе излезете од возилото и може дополнително да ве насочи каде да одите до финалната дестинација.

648A3810

Апликацијата преку која ќе се управува целиот овој систем е во моментов достапна за iOS уредите и на неа може да извршите неколку различни функции оддалеку. На пример, мене особено ми се допаѓа можноста оддалеку да ја пуштите вентилацијата во автомобилот, што е особено корисно во жешките летни денови. Исто така, преку апликацијата може да се отклучи/заклучи автомобилот, да се пуштат светлата и дури и да се види наполнетоста на батериите на хибридните или електричните модели.

Ова сепак е само почетокот. Во иднина BMW планира уште подобро да го вклопи овој систем во своите автомобили, кој ќе биде своевиден холограм на предното стакло, односно ќе понуди изменета реалност, слично на Microsoft HoloLens. На овој начин, системот многу подобро ќе го известува корисникот, без тој да има потреба да го тргне погледот од патот. Холограмот ќе биде достапен и во домот и ќе може да ве подготви за денот додека го пиете утринското кафе.

BMW Connected е систем кој многу добро најавува каква ќе биде иднината, односно како компјутерите буквално ќе навлезат во нашиот живот и ќе ни ги олеснат секојдневните обврски – револуција која веќе ја започнаа дигиталните асистенти во нашите паметни телефони.

Извор: The Next Web, Digital Trends, Engadget

Претходна статијаHP ќе го претстави најтенкиот лаптоп во светот
Следна статијаiPhone SE со најслаб старт на продажбата во споредба со останатите модели