aimotive-self-driving-software-2

Натпреварот за тоа кој прв ќе стигне до вистинскиот автономен автомобил кој нема ама воопшто да бара инпут од возачот е се пожесток. Сега во него влегува и унгарска компанија, која има нов софтвер базиран на вештачка интелигенција, кој може да ги предвиди движењата на другите учесници во сообраќајот и да реагира соодветно.

Она што е интересно кај овој софтвер е што тој учи од реалниот, но и од светот на игрите. Имено, тој веќе има поминато многу виртуелни километри во популарната игра Project Cars, каде се „научил“ да препознава објекти од најразличен вид. Ова е одлична идеја, бидејќи го скратува времето потребно за развивање на софтверот, но останува загриженоста дека игрите сепак не се најдобра платформа за учење.

aimotive-7-800x600

AImotive сепак паралелно го развива софтверот и во реалниот свет, со специјално подготвен Toyota Prius автомобил, кој има четири камери и голем десктоп компјутер во задниот дел. Идејата е нивниот систем да биде поевтин од тој на конкурентите, односно да може да работи само со камери, а не и со друг тип на сензори.

Концепт автомобилот не може да вози самиот, бидејќи софтверот на AImotive е пред се насочен кон наоѓање и препознавање на препреките, а не на возење на автомобилот. Имено, софтверот има моќ целосно да ја идентификува околината и потоа ја одбележува во различни бои, со цел автомобилот потоа да може да избере како ќе вози. Во зелена боја на пример обоен чистиот пат, во сина опционалниот пат, во портокалова другите возила и во црвена пешаците.

aimotive-6-800x600

На овој начин, целиот систем за автономно возење ќе може многу полесно да одлучи каде ќе вози – ќе треба да реагира само на различни бои. На пример, во случај да не може да избегне незгода, ќе може да избере да се удри во автомобил наместо да удри пешак, бидејќи во тој случај би имало помалку повредени.

Целиот систем на AImotive, кој компаниите би го употребувале во своите возила, има четири различни делови: Recognition Engine, за кој зборувавме погоре, Location Engine кој ќе ја дава точната локација на возилото, Motion Engine кој ќе ги следи објектите кои се движат и Control Engine, кој ќе ги собира сите информации и според тоа ќе го управува возилото.

aimotive-5-800x600

Од AImotive велат дека во иднина нивниот систем ќе има цена од 500 долари, што е извонредно малку и значи дека таа технологија би можела да се вградува и во поевтините автомобили од пониските класи. Исто така, тие ветуваат дека системот работи во сите временски услови, за разлика од конкурентските решенија.

Извор: Venture Beat, Reuters, New Atlas

Претходна статијаОтсега ќе можете да програмирате во Microsoft Visual Studio и на вашиот macOS компјутер
Следна статијаРезервирај.мк од денес е вашиот партнер за лесни резервации