gsmarena_001 - Copy

Ова не е прв пат некој производител да се обиде да лансира смартфон со огромен дисплеј, односно поточно кажано таблет со можност за телефонирање, но Xiaomi ветува дека нивниот спој на смартфон со таблет ќе може да се стави во страничниот џеб на Вашите фармерки. Нормално, се додека не седнете.

Првите фотографии кои ги објави кинескиот производител го покажуваат токму тоа, но на нив не можеме да видиме многу од уредот. Сепак, од она малку што може да се види, се гледа дека смартфон/таблетот нема да има претерано мала рамка околу дисплејот, додека дизајнот генерално го следи оној на останатите модели во понудата на Xiaomi.

Но, има некои веднаш забележливи разлики – недостасува Mi логото во горниот преден дел, додека сензорот и камерата се лево и десно од звучникот, со цел да се добие посиметричен дизајн.

Очекувањата се дека овој уред нема да биде од високата класа, односно очекувајте компоненти од средната класа. На пример, најавено е дека Mi Max најверојатно ќе го има првиот чип на Xiaomi наречен Rifle, но има и информации дека ќе се вградува Snapdragon 650.

Дисплејот пак најверојатно ќе има резолуција од 1920х1080 пиксели, а не 2560х1440 и покрај тоа што првите најави беа дека Xiaomi конечно ќе лансира уред со повисока резолуција (засега сите нивни модели имаат максимум Full HD, дури и највисоката класа), што веројатно ќе се случи подоцна.

Она што сигурно го знаеме, дури и да не е потврдено е дека цената ќе биде прилично поволна, всушност како и сите модели на брендот. А сите останати информации веројатно ќе ги добиеме многу наскоро – телефонот најверојатно ќе пристигне во наредниве неколку денови.

Извор: GSM Arena, Android Headlines, Phone Arena

Претходна статијаНаучници случајно открија батерија која не го губи капацитетот со текот на времето
Следна статијаLeSEE – нов целосно автономен електричен автомобил