la-fi-leeco-electric-car-20160420-001

Изгледа дека кинезите ќутат, работат и одеднаш – одличен електричен автомобил! Се работи за LeSEE, електричен автомобил кој е целосно автономен и автоматизиран. Тој е дизајниран, создаден и само што беше претставен од кинеската компанија LeEco на авто шоу во Пекинг.

Се работи за седан со четири „самоубиство“ врати (такви кои се закачени назад, а не напред), целосно е електричен, директен конкурент е на Tesla Model 3, и што е најбитно, целосно автономен е. Тоа значи дека можете само да му зададете точка и тој самиот ќе стигне до таму. Интересно, нели?

Секако, имате можност да го управувате ако сакате со тоа што можете да „извлечете“ волан од таблата напред. Идејата на LeEco е да создадат автомобил кој ќе ги претвори патниците во само тоа – патници, а не возачи. Секако, тоа ќе значи дека ќе имаат време на претек додека се возат, па ќе можат да гледаат и слушаат содржини кои LeEco ќе им ги сервира, што воопшто не е чудно кога ќе помислиме дека компанијата е еден огромен медиумски магнат во Кина.

Компанијата вложува и во Faraday Future, компанија основана во САД која исто така се занимава со електрични возила. Во ова LeEco не се уникатни бидејќи многу кинески моќни компании како Xiaomi, Alibaba (Aliexpress), Baidu и Tencent исто така вложуваат баш во овој пазар кој ветува голема заработка во следните неколку декади.

screen shot 2016-04-24 at 1.46.56 pm

Жиа Јуетинг, соосновачот на LeEco, вели дека нивната цел е еден ден ваквите возила да станат „бесплатни“. Тој објаснува дека тие имаат став кон автономните возила како кон денешните телефони или други уреди – ги земате на договор од вашиот мобилен оператор, и вредноста на телефонот го исплаќате со плаќање на редовни сметки во текот на една или две години. Секако дека тоа не е „бесплатно“, но се исплаќа на сличен начин како што е лизингот. Според Јуетинг, идејата е патниците да се ѕверат во мониторите и да слушаат и гледаат содржина додека се возат, содржина која ќе биде делумно реклами.

Како и да е, изгледа дека кинезите се на големо активирани да го освојат пазарот со електрични автомобили и оваа битка ќе биде една од најинтересните во следната декада – битката меѓу САД, ЕУ и Кина во однос на пазарот на електрични и автономни возила.

Дополнителни информации: Business Insider, The Verge, LA Times

Претходна статијаXiaomi најавува огромен 6,4 инчен смартфон наречен Mi Max
Следна статијаТехнологија за пренесување на мислите за движење кај парализираните