Годинава беа лансирани неколку модели од високата класа за кои се дрзнавме да кажеме дека „немаат рамка околу дисплејот“. Сепак, вистината е дека тие имаат рамка и тоа прилично забележителна, но таа е многу мала во споредба со смартфоните од претходните години. Овој тренд го започна Samsung, кога ги лансираше Galaxy S8 и Galaxy S8+, модели кои немаат рамка од страните и имаат минимална рамка во долниот и горниот дел.

Сепак, како бренд кој е убедливо најиновативен во мобилната индустрија, Samsung нема да остане на ваквиот дизајн. Напротив, после лансирањето на iPhone X, кој е смартфон со најмала рамка, тие веќе работат на модел кој нема да има воопшто рамка околу дисплејот. Да, овој смартфон ќе изгледа како да е само дисплеј во предниот дел, но тоа нема да биде неговата главна одлика.

Напротив, најимпресивно кај овој телефон ќе биде што дисплејот ќе биде искривен кон рабовите на сите страни, како што денешните модели се искривени само во страничните делови и тоа за цели 180 степени. Ваквиот “Infinity Display” дизајн би бил импресивен, бидејќи не само што телефонот ќе изгледа како да нема рамка околу дисплејот, туку дисплејот буквално ќе протекува кон страните, што е целосно ново ниво на веќе флуидниот дизајнерски јазик на Samsung.

Засега, ваквиот дизајн е само одобрен патент на Samsung, но знаејќи ја нивната сериозност во донесувањето на новитети на смартфон сцената, очекувам ваквиот модел да пристигне многу наскоро, веројатно како Galaxy S10 во 2019 година или пак Galaxy Note 9 уште наредната година. Единствените прашања кои остануваат секако се каде Samsung ќе ја смести предната камера и предните сензори – се надевам дека имаат решение кое ќе стои под дисплејот, односно нема да стават некој засек во него.

Извор: Inquisitr, Forbes

Претходна статијаПотврдено: Tesla Model 3 има автономија од 500 километри
Следна статијаБидете внимателни – користењето на софтвер со сомнително потекло крие опасности за Вашиот бизнис