Samsung Galaxy Unpacked, првиот за оваа година, ќе се одржи денеска со почеток во 16:00 часот. Настанот ќе може да се следи преку YouTube каналот на компанијата, односно на овој линк.

Како што е веќе познато, Samsung денеска ќе ја претстави најновата генерација од нивната Galaxy S серија, поточно трите нови Galaxy S22 телефони, Galaxy S22, Galaxy S22+ и Galaxy S22 Ultra.

Од тоа што можевме да го прочитаме досега, официјално и неофицијално, оваа година телефоните ќе изгледаат скоро исто како нивните претходници, а тоа е и очекувано со оглед на тоа дека дизајните не се менуваат за секој нареден модел.

Поголема промена ќе дојде кај Galaxy S22 Ultra моделот, кој од оваа година може да се каже дека и официјално ќе ја замени Galaxy Note серијата, а дека работите ќе одат во тој правец до некаде најави и претседателот и раководителот за мобилно искуство, ТМ Рох.

Ова значи дека Galaxy S22 Ultra ќе се разликува во дизајнот од другите два модели, ќе има дизајн кој порано беше повеќе карактеристичен за Note серијата, а оваа година телефонот ќе дојде со вклучено S Pen пенкалце, односно тоа нема да се купува посебно како минатата година.

Втора поголема работа која доаѓа со денешното претставување е Exynos 2200 чипот на кој ќе работат телефоните во Европа, односно и нашата земја. Овој чип, покрај тоа што треба да донесе поголемо подобрување на перформансите во споредба со претходната генерација, е и првиот чип кој ќе дојде со графичката технологија од AMD, RDNA 2, со што корисниците може да ги очекуваат некои од револуционерните можности од десктоп и играчките конзоли, секако прилагодени за мобилните.

Претходна статијаОбјавени резултатите од конкурсот за визуелен идентитет на „50 години МКЦ“
Следна статијаSamsung ги претстави Galaxy S22 и S22+ со нови камери и подобрени карактеристики
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.