Samsung денеска почна да праќа покани за нивниот Unpacked настан на кој ќе ги претстави најновите уреди од Galaxy S класата, односно Galaxy S22. Настанот е официјално закажан за 9ти февруари и ќе може да се следи во живо со почеток во 16:00 часот по македонско време.

Како и секогаш, настанот ќе може да се гледа преку официјалниот YouTube канал на компанијата, односно на овој линк.

Иако никогаш не се даваат официјални информации пред одржување на настанот, тука се неофицијални кои како и обично ни ги донесуваат повеќето информации кои ни ги насочуваат очекувањата.

Samsung повторно ќе претстави три нови Galaxy S уреди, но оваа година сепак ќе биде поразлична од претходните. Причината за тоа е во две новини кај оваа серија.

Едната е целосното донесување на карактеристиките од Galaxy Note серијата кај Galaxy S, поточно кај Galaxy S22 Ultra моделот. Се верува дека покрај дизајнот, овој телефон оваа година ќе дојде со посебниот простор за чување на S Pen, нешто што не беше случајот со претходниот од мината година кој за првпат доби поддршка за ова пенкалце.

Втората новина можеби е и поинтересна. Се работи за новиот Exynos 2200 на кој ќе работат телефоните во Европа, значи и во нашата земја. Овој чип за првпат ја донесува AMD RDNA 2 архитектура кај мобилните, што значи дека корисниците можат да очекуваат големо подобрување кај мобилните игри.

Поточно, корисниците може да очекуваат поддршка за „hardware accelerated ray tracing“ и „variable rate shading“. Ова се две карактеристики кои направија своја мала револуција кај графиката на игрите пред некоја година, а сега ќе овозможат дел од перформансите да дојдат и кај мобилните. Ray tracing технологијата овозможува скоро реално рекреирање на светлината во игрите, од тоа како се одбива од површините, до тоа како се гледа и поминува низ екранот. Variable rate shading овозможува подобри „frame rates“ поради одлуката кои делови од сликата да бидат подобро прикажани, а кај кои може да се „штеди“ со цел подобро искористување на процесорот.

Тоа што оваа година се надеваме дека ќе биде решено кај европските модели од Galaxy S серијата, односно со Exynos 2200 чипот е нешто поголемото загревање во споредба со Snapdragon верзијата, како и малите проблеми во перформансите, како на пример при сликање.

Од тоа што може да се види, голема улога тука игра и Android 12, односно One UI 4.0, па корисниците оваа година не би требало да имаат било какви проблеми.

„Вистинските иновации не само што се развиваат заедно со светот, туку и учествуваат во неговото обликување. За да создадеме уреди кои ни носат напредок, ја менуваат иднината и внесуваат светлина во темнината, мора да продолжиме да ги кршиме правилата кои ги одредуваа границите на она што е можно во светот на паметните телефони.“ – истакнаа од Samsung во нивната покана.

ИЗВОРSamsung
Претходна статијаPanasonic ќе започне со производство на нови батерии за Tesla кои ќе ја зголемат километражата на автомобилите за 15%
Следна статијаЕндава најавува релокација на канцелариите во Скопје
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.