После шпекулациите кои се покажаа како неточни, дека Samsung нема да го претстави Exynos 2200, од компанијата денес официјално го претставија овој чип, односно неговата најнова генерација.

Како што беше очекувано, Exynos 2200 работи на најновата ARM архитектура, односно Armv9 која донесува доста големи подобрувања во перформансите на процесорите. Се работи за осум јадрен процесор направен со структура од три кластери, како што ја нарекуваат од Samsung, односно има едно Cortex-X2 јадро за најдобри перформанси, три Cortex-A710 јадра за перформанси и ефикасност, како и четири Cortex-A510 јадра кои овозможуваат најдобра заштеда на енергија кога уредите не се користат за некоја посилна активност.

Тоа што сепак го привлекува главното внимание, а беше најавувано повеќе пати изминатите година дена, е графиката кај Exynos 2200. Графичкиот процесор е наречен Xclipse GPU и е направен на основа на RDNA 2 архитектурата од AMD.

Од компанијата го објаснуваат името на процесорот кој треба да асоцира на почеток на нова ера кај мобилниот гејминг.

RDNA 2 архитектурата донесува две функции кои досега беа достапни само кај компјутерите и играчките конзоли. Тие секако не се на нивно ниво, а Samsung процесорот го нарекува хибриден, односно дека може да се постави некаде помеѓу конзолите и стандардните мобилни графички процесори.

Двете функции кои корисниците на мобилните ќе ги добијат со Xclipse GPU со RDNA 2 архитектурата се „hardware accelerated ray tracing“ и „variable rate shading“. Ова се две карактеристики кои направија своја мала револуција кај графиката на игрите пред некоја година, а сега ќе овозможат дел од перформансите да дојдат и кај мобилните.

Ray tracing технологијата овозможува скоро реално рекреирање на светлината во игрите, од тоа како се одбива од површините, до тоа како се гледа и поминува низ екранот.

Variable rate shading овозможува подобри „frame rates“ поради одлуката кои делови од сликата да бидат подобро прикажани, а кај кои може да се „штеди“ со цел подобро искористување на процесорот.

Exynos 2200 доаѓа и со подобрен систем за вештачка интелигенција со надграден NPU кој според Samsung има дупло подобри перформанси во споредба со претходната генерација.

Карактеристиките на Exynos 2200 изгледаат одлични, а со нетрпение ги чекаме првите рецензии кои треба да покажат дали оваа година чипот од Samsung ќе биде на ниво со конкурентите кога се во прашање перформансите, нешто што две години по ред е предмет на критика. Ова е доста важно за корисниците од нашата земја поради тоа што новите Galaxy S22 телефони ќе работат на овој процесор, односно само корисниците во САД ги добиваат верзиите со Snapdragon.

ИЗВОРSamsung
Претходна статијаСеавус: Иднината на работењето е хибридна
Следна статијаSamsung 2022 QLED и Lifestyle телевизорите добиваат сертификати за заштита на очите, безбедност и прецизност на боите, од водечки светски институти
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.