Една од најважните работи за тврдокорните гејмери е тоа со колку слики во секунда се игра играта. Ова овозможува многу побрзи реакции, кои во брзите игри можат буквално да значат живот или смрт. Razer, компанија која е позната по своите гејмерски компјутери веројатно многу добро го знае ова и затоа првиот смартфон наменет за гејмерите го направи со дисплеј кој има освежување од 120 Hz.

Ова е прилично важен детал, бидејќи толкаво освежување скоро сигурно нема ниту „гејмерскиот“ монитор кој го имате пред себе (оние малку корисници кои сѐ уште не читате на компјутер). Според првите импресии објавени од колегите кои имаа можност да го пробаат Razer Phone, ваквото освежување на дисплејот овозможува супер мазно движење и низ оперативниот систем и при скролањето во пребарувачите и во играњето игри. Всушност, според многумина ова е најмазниот смартфон кој го користеле! Покрај тоа што работи на 120 Hz, дисплејот има големина од 5,7 инчи и одлична Quad HD резолуција, што значи дека ќе биде и супер остар.

Голем удел во ова ќе имаат и внатрешните компоненти – процесорот е Snapdragon 835, помогнат од масивни 8 GB рам меморија, 64 GB простор со micro SD слот и специјално развиено ладење, кое ќе се погрижи игрите да не засецкуваат дури ниту после подолго играње. Напред се вградени и стерео звучници, кои се најмоќни од сите смартфони досега, што е уште еден плус при гејминг, но за жал Razer се одлучи да не вгради 3,5 mm излез за слушалки. За среќа, во пакувањето има адаптер за да може да ставите такви слушалки, но дефинитивно ќе беше подобро да можеше да се стават на самиот смартфон.

Razer Phone може да се пофали и со многу солидни камери – задната е двојна, со една камера од 12 мегапиксели и f/1.7 бленда и една потесна камера со 13 мегапиксели и f/2.6 леќа за два пати зум, исто како кај iPhone. Предната камера има веќе стандардни 8 мегапиксели. Од друга страна, батеријата со 4.000 mAh е нестандардно голема и истата се полни со супер брзото Qualcomm QuickCharge 4+ брзо полнење. Интересно, телефонот има Android 7.1.1 со супер поопуларниот Nova Launcher Prime.

Цената на Razer Phone, со оглед на перформансите кои ги нуди и не е претерано висока – во САД изнесува 699 долари, што е под цената на премиум конкурентите од високата класа.

Извор: 9 to 5 Google, CNET, The Verge

Претходна статијаMicrosoft Edge ја продолжува „традицијата“ на Internet Explorer
Следна статијаИнтервју: Џим Шу, предводник “Huawei Consumer Business Group”