oneplus-3-1

Како што беше најавено, OnePlus го претстави својот трет модел, односно OnePlus 3. Ова е еден од поинтересните телефони на пазарот, а посебно поради веќе стандардната кинеска практика, одлични карактеристики со прилично ниска цена.

Како и обично, голем дел од карактеристиките на телефонот можевме да ги дознаеме од предвреме излезените неофицијални информации. Па така, главната од овие информации, а која се покажа како точна, е вклучувањето на огромни 6GB LPDDR4 RAM меморија.

Се разбира, вклучувањето на волку рам меморија не е неопходно, посебно за телефон кој не доаѓа со можност да се користи како десктоп компјутер, како што е случајот со некои од Lumia моделите. Сепак, фановите на овој вид на телефони сигурно ќе најдат начин како барем да се приближат до границата која ја поставува уредот.

Останатите карактеристики со кои доаѓа OnePlus 3, не се ништо послаби. Процесорот е моментално најсилниот од понудата на Qualcomm, односно Snapdragon 820 кој работи на 2,2 GHz. Просторот за складирање изнесува 64GB, без можност за проширување.

Екранот е со големина од 5,5 инчи и доаѓа со „само“ Full HD резолуција што овозможува уште подобри перформанси, како и траење на батеријата, без, да бидеме реални, губење нешто посебно од корисничкото искуство.

Она што исто така може да се истакне за OnePlus 3 е неговиот дизајн. Тој е изработен од алуминиум кој го обвива целиот уред и му дава премиум изглед како кај поскапите конкуренти од високата класа.

oneplus-3-2

Доаѓа со карактеристични мали рамки околу екранот, дебелина од 7,3 милиметри и тежина од 158 грама.

Камерите на OnePlus 3 ги вклучуваат задната со 16 мегапиксели и предната со 8. Вклучена е и од страна на OnePlus таканаречената Smart Capture технологија која на корисниците им овозможува повеќе режими за сликање во повеќе ситуации.

OnePlus 3 исто така доаѓа и со Dash Charge технологијата кој овозможува брзо полнење на уредот, односно до 60% за половина час од батеријата со капацитет од 3.000 mAh. Полнењето се прави преку USB Type-C портата со која што доаѓа уредот.

OnePlus 3 нема да се продава според досега не толку добро прифатениот систем на нарачки, но сепак корисниците ќе можат да го купат само на одредени локации. Цената ќе изнесува 399 долари, односно 399 евра во Европа, а ќе биде достапен од 15 јуни.

Извор: OnePlus, TNW, TechnoBuffalo

Претходна статијаСо новиот контролер на Sony за виртуелни игри ќе се чувствувате како да пукате со вистинско оружје
Следна статијаЕлон Маск смета дека скоро сигурно живееме во симулација
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.