gsmarena_002

Јапонскиот производител неодамна ги лансираше новите телефони од Z5 серијата и тоа во три различни верзии – Z5 Compact, Z5 и Z5 Premium, што е реткост во класата. Сепак, според најавите, новите Z6-ки би требало да доаѓаат во дури пет различни верзии.

Најинтересна од сите веројатно ќе биде најмалата – Z6 Mini, која ќе има 4 инчен дисплеј и која заедно со новиот iPhone 7C со 4 инчен дисплеј, кој исто така треба наскоро да пристигне на пазарот, треба да ги вратат малите телефони на големата сцена. Ова е одлична вест за оние со помали раце (вклучувајќи ме и мене), или пак сите оние кои не сакаат да имаат голема испакнатина на џебот.

Z6 Mini, за разлика од другите модели во понудата, ќе има Snapdragon 620 процесор, што е различно од досегашната практика, сите модели од Z серијата да го имаат моментално најмоќниот процесор.

Останатите телефони секако ќе доаѓаат со вграден Snapdragon 820, кој треба да донес значителни подобрувања во перформансите. Z6 ќе биде носечкиот модел и натаму ќе има 5,2 инчен дисплеј, исто како и моделот Compact со 4,6 инчен дисплеј. Сепак, поголемите верзии Z6 Plus и Z6 Ultra ќе имаат 5,8 инчен, односно 6,4 инчен дисплеј, веројатно со 4K резолуција како актуелниот модел Z5 Premium, кој е првиот и во моментов единствен смартфон со Ultra HD дисплеј.

Интересно, за моделите Z6 и Z6 Plus е најавено дека ќе имаат дисплеј осетлив на притисок, ист каков што имаат новите iPhone-и, а сите модели би требало да бидат отпорни на прскање и делумно потопување во вода, како и сите свои претходници.

Сите овие модели би требало да бидат претставени на Mobile World Congress во Барселона наредната година, кој се одржува од 22-25 Февруари наредната година, што е исклучително брзо по претставувањето на моделите од Z5 серијата, но таква е практиката на Sony веќе неколку години по ред.

Извор: TechnoBuffalo, GSMArena, Android Headlines

Претходна статијаAshampoo Uninstaller 5 достапен за корисниците бесплатно
Следна статијаCastrol со супервозбудлива виртуелно-вистинска трка